• понеделник, 23 декември 2024

Џулијан Смит за МИА: И се заблагодарувам на Северна Македонија за одвојувањето на два проценти од БДП за одбраната

Џулијан Смит за МИА: И се заблагодарувам на Северна Македонија за одвојувањето на два проценти од БДП за одбраната

Брисел, 15 јуни 2024 (МИА) - Самитот на НАТО во јули во Вашингтон, прво и основно, ќе биде славење на 75 години работа како трансатлантски партнери преку Атлантикот, но ќе се дискутира и на повеќе различни теми и сакаме да поминеме одредено време во разговор за споделување на товарот и фактот дека многу земји напорно работеа во последната деценија во зголемувањето на трошоците за одбрана, вели постојаната претставничка на САД во Алијансата, Џулијан Смит во интервју за МИА.

- Овде сакам навистина да ѝ се заблагодарам на Северна Македонија. Ова е земја што донесе навистина тешки одлуки за да го достигне прагот од два проценти од БДП за одбраната. Северна Македонија е сега над прагот, над два процента и ги поздравуваме тие напори и сите земји што го направија тоа, нагласува Смит.

Таа најави дека веројатно следната седмица НАТО ќе објави нов извештај за споделување на товарот, кој ќе покаже дека околу две третини од членките на Алијансата сега трошат над два проценти од БДП за одбрана, што според неа, е важно бидејќи значи дека сојузниците можат да ги исполнат своите обврски. 

- На самитот ќе зборуваме и за Украина. Очекуваме (украинскиот) претседател Зеленски лично да ни се приклучи, а Алијансата ќе најави дополнителни форми на помош за Украина, политичка поддршка, односно веќе сте слушнале како зборуваме за мост кон членство. Градиме мост кон членство за Украина, истакна американската амбасадорка.

Смит нагласува дека САД сметаат оти најголем дел од земјите членки на НАТО прават се што можат за да и помогнат и наоѓаат начини да ја поддржат Украина, некои преку обезбедување хуманитарна и економска помош, други преку безбедносна поддршка, а голем број ги даваат сите три видови на поддршка. 

- Да започнам со тоа што ќе се заблагодарам на Северна Македонија за нејзиниот значителен придонес за украинските сили. Овој придонес е од клучно значење и поздравуваме сè што направи Северна Македонија и продолжува да прави за народот во Украина. 

Според неа, сојузниците мора да бидат упорни и  да продолжат да изнаоѓаат дополнителни финансиски ресурси или капацитети што може да се испратат во Украина.

- Ја чувствувам посветеноста во рамките на Алијансата дека мора да продолжиме и дека не можеме да си дозволиме да застанеме, бидејќи на Украина ѝ е потребна нашата поддршка и тие треба да преовладаат на крајот и да ја истиснат Русија надвор од својата територија, заклучува Смит.

Во врска со барањето на Унгарија да не биде вклучена во „новата активност“ што НАТО ја подготвува за поддршка на Украина, американската амбасадорка вели дека тоа не е нешто што не се случило во рамките на Алијансата во минатото, бидејќи изминатите 75 години не секоја членка на Пактот учествувала во секоја од неговите мисии или активности.

- Не сметаме дека ова е многу шокантно. Ова е пракса што сме ја виделе и претходно, но она што е важно е дека Унгарија ги исполнува своите обврски кон Алијансата, учествува во други НАТО мисии, ја одржува обврската да троши два проценти од БДП на одбраната и продолжува да биде активен учесник во рамките на НАТО, потенцира Смит.

Американската амбасадорка потврди дека шефовите на држави или влади на НАТО на средбата во Вашингтон ќе решат и кој ќе биде новиот генерален секретар на НАТО, кој ќе го наследи актуелниот вршител на оваа должност Јенс Столтенберг.

- Столтенберг извонредно ѝ служеше на Алијансата во период од 10 години и сега Алијансата е подготвена да го поздрави и да го слави неговиот придонес, но исто така и да посака добредојде на новиот генерален секретар, вели Смит.

Таа потенцира дека Алијансата во последните месеци разгледуваше двете официјални кандидатури за нов генерален секретар и тоа на на холандскиот премиер во заминување Марк Руте и на романскиот претседател Клаус Јоханис. 

- Сите 32 земји треба да се согласат околу следниот генерален секретар. Се уште не сме стигнале до тој момент, но сме многу близу и верувам дека во следните недели ќе дојдеме до точката кога сите 32 земји членки ќе се согласат околу следниот генерален секретар, потенцира Смит во интревјуто за МИА.

Американската амбасадорка најави и дека на Самитот ќе бидат промовирани „голем број нови политики“ поврзани со кибер безбедноста, која во 2016 година Алијансата ја означи како нов домен, што значи дека одредбата од Членот 5 од Договорот од Вашингтон за основање на НАТО, кој предвидува дека напад врз еден членка ќе се смета за напад врз сите членки и ќе бидат преземи сите неопходни активности за да му помогне на нападнатиот сојузник, во иднина ќе може да се примени и за некој вид кибер напад. 

- Како и секогаш кога се започнува со ново прашање, Алијансата започнува со заедничка разработка на природата на предизвикот. Па така повеќе години разговараме со сојузниците во однос на нивните искуства со кибер напади и какви се нивните национални политики за одвраќање, спречување или справување со кибер напади. Откако ќе поминеме одредено време за проценка на проблемот, потоа преминуваме на работа, односно сега се обидуваме да изградиме алатки во рамките на Алијансата за подобро да се опремат сојузниците со своја експертиза, како и експертиза од некои наши далечни партнери. Разговараме со нашите пријатели во Јапонија и Јужна Кореја околу нивните национални стратегии за кибер безбедност. Кибер безбедноста останува клучна карактеристика на нашата работа во рамките на Алијансата. Внимателно следете го самитот, мислам дека ќе видите четири-пет нови политики. И секако Северна Македонија ќе има корист од тие политики и ќе придонесе со своја експертиза во рамките на Алијансата, истакнува Смит.

Во врска со изјавата на поранешниот американски претседател и претседателски кандидат на претстојните избори во ноември Доналд Трамп дека ако биде избран САД нема да застанат во одбрана на оние членки на НАТО кои не одвојуваат доволно средства за одбрана доколку бидат нападнати, што предизвика бурни реакции во Европа, Смит вели дека не може да ги коментира неговите ставови околу Алијансата, но дека во САД постои голема двопартиска поддршка за НАТО. 

- Редовно не посетуваат делегации од Конгресот и од Демократската и од Републиканската партија и она што го гледам при тие посети е посветеноста за одржување на лидерството на САД во Алијансата како и нашето активно учество во самото НАТО. Не знам што ќе се случи понатаму, не можам да го предвидам исходот од изборите во САД, ниту како некој кандидат ќе се однесува во иднина. Она што можам да ви го кажам е дека американската јавност и Конгресот продолжуваат доследно ја да искажуваат силната посветеност кон НАТО, истакна Смит.

За идеите за зајакнување на заедничката европска одбрана, па дури и за создавање на европска армија, кои се појавија по изјавата на Трамп, Смит вели дека во последните две години ЕУ презеде „голем број интересни и храбри чекори“ за зајакнување на својата внатрешна одбрана и безбедносни политики и САД го поздравуваат сè она што Унијата го прави за Украина и големината на поддршката што доаѓа од тело што нема толку многу искуство во тоа.

- ЕУ креира многу нови политики и сега има своја одбранбена индустриска стратегија, работи на јакнење на своите одбранбени и безбедносни алатки. ЕУ прави огромни чекори напред во областа на одбраната и доколку ја погледнеме на пример Холандија, што е членка и на ЕУ и на НАТО и опсегот до кој ЕУ ги јакне холандските сили и она што го прави НАТО, тоа е придобивка за двете институции. Затоа, ние сме доста задоволни од она што го прави ЕУ, вели Смит.

Според неа, Алијансата неуморно работи низ децениите за да ги одржи стандардите и сака да се осигура Европа во иднина да се потпира на стандардите на НАТО и сака да избегнеме непотребно дуплирање. 

- Откако започна војната во Украина, ЕУ и НАТО работат рамо до рамо во поддршката на нашите пријатели во Украина и очекуваме тоа да продолжи. Ја почитуваме желбата на ЕУ да ја реши фрагментацијата што постои во нивната одбранбена индустрија, но сакаме да останат отворени за купување на опрема од земји што не се членки на ЕУ, како Обединетото Кралство, САД, Норвешка, Турција и Јужна Кореја. САД ги поздравува напорите на Брисел, но ќе продолжиме да разговараме со цел да нема непотребно дуплирање, порачува американската амбасадорка при НАТО во интревјуто за МИА. 

Сашко Панајотов

Видео и фото: Мисија на САД при НАТО/Андреј Бранковиќ 

 

Остани поврзан