• сабота, 18 мај 2024

Џафери во Абу Даби на разговори со спикерот на Федералниот национален совет на ОАЕ Сагар Ал-Гобаш

Џафери во Абу Даби на разговори со спикерот на Федералниот национален совет на ОАЕ Сагар Ал-Гобаш

Абу Даби, 16 ноември 2021 (МИА) – Интензивирање на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент на парламентарната соработка, како и економската и трговската размена, се очекува да бидат во фокусот на разговорите на денешната средба меѓу претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери и неговиот домаќин, спикерот на Федералниот национален совет на Обединетите Арапски Емирати Сагар Ал-Гобаш.

Претседателот на Собранието Џафери ја предводи собраниската делегација во оваа прва официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, во чиј состав се претседателот на Пратеничката група за соработка на Собранието со парламентите на земјите од Блискиот исток и Арапскиот залив, пратеникот Хусни Исмаили, и пратениците Дарко Каевски и Бедри Фазли.

По официјалната билатерална средба на Џафери со претседателот на Федералниот национален совет Ал-Гобаш, предвидени се и разговори на парламентарната Делегација на Северна Македонија со членовите на Парламентарната група за пријателство со парламентите од европските земји на Федералниот национален совет на ОАЕ.

Парламентот на Обединетите Арапски Емирати или Федерален национален совет е воспоставен во 1971 година и го сочинуваат 40 пратеници, од кои половината се жени.

Претседателот на Собранието Џафери утре ќе оствари средба со министерот за толеранција и соживот Шеикот Нахјан Бин Мубарак Ал-Нахјан. Џафери заедно со собраниската делегација ќе го посети и Павилјонот на Република Северна Македонија на „Експо Дубаи 2020”.

Оваа посета на собраниската делегација се совпаѓа со 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

Во Абу Даби, но и во целата земја деновиве започнаа подготовките за одбележување на 50-годишнината од основањето на ОАЕ. ев/са/

Остани поврзан