• петок, 22 ноември 2024

Ќе се реконструира салата „Расадник“ во Кисела Вода, проектот за реконструкција готов до средината на август

Ќе се реконструира салата „Расадник“ во Кисела Вода, проектот за реконструкција готов до средината на август

Скопје, 3 јули 2024 (МИА) - Во финална фаза е проектната документација за целосна реконструкција на спортската сала „Расадник“ во општина Кисела Вода. Проектот содржи теретана, фитнес за спортистите, но и деловен простор којшто салата ќе може да го издава. Финансирањето ќе биде обезбедено од страна на Министерството за спорт.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска заедно со министерот за спорт Борко Ристоски изврши увид во објектот, изјави дека се надева оти местото кое е руина во моментов, ќе прерасне во сериозно добар и професионален спортски храм на градот, но и место од каде повторно ќе се раѓаат нови, спортски имиња со кои Општина и државата ќе се гордее.

Тој информираше дека проектот треба да биде готов најдоцна до средината на август, а на почетокот на септември веќе би биле во фаза во која би започнала постапката за реконструкција на салата.

Како што рече, проектираната вредност е околу милион ипол евра.

- Повеќе од осум месеци се работи и е во финална фаза проектната документација за целосна реконструкција на оваа спортска сала и за многу скоро, заедно со Министерството за спорт, ќе почнеме со градежни активности на ова место. Ќе биде распишана тендерска постапка. Општината ќе стопанисува со салата, рече градоначалникот.

Тој информираше дека разговарале со министерот за спорт околу промена на името на салата.

-Можно е да има промена на името затоа што треба да има име кое ќе биде симболика од нашето време. За ова ќе бидете информирани дополнително, додаде Ѓорѓиевски.

Министерот за спорт најави дека ќе се објави јавен повик за комплетна реконструкција на салата.

- Оваа денешна посета би ја поделил во два сегменти. Првиот сегмент е моментот кај што вршењето увид во оваа руина сала буди убави спомени за се она што се случуваше во минатото. Јас ја паметам оваа сала како сала исполнета со многу спортисти,  деца, врвен и рекреативен спорт. Вториот дел е тоа што сеќавањата од минатото отвораат можности за иднината, а иднината значи комплетно нова реконструирана сала Расадник. На овој руиниран објект ќе му се стави крај во најбрз можен рок, рече Ристовски.

Тој додаде дека државата има потреби од нови сали, базени и игралишта, најавувајќи изградба и реконструкција на нови спортски објекти.

На новинарско прашање до градоначалник Орце Ѓорѓиевски дали Општината ќе аплицира за 250-те милиони евра што премиерот Христијан Мицкоски ги најави за општините, одговори дека веќе има подготвена документација и за наредната година.

Ѓорѓиевски најави дека се работи и на проектирање на поликлиника во Кисела Вода. - Можам да најавам дека сериозно се работи и на проектирање на поликлиника во Кисела Вода. Тоа верувам дека наредната година ќе биде аплицирано од наша страна и конечно граѓаните после толку години во Кисела Вода ќе добијат поликлиника со соодветни услови, рече Ѓорѓиевски.

Прашан дали РК Вардар ќе има свој дом, Ѓорѓиевски одговори дека ќе му биде чест и привилегија конечно РК Вардар има свој дом тука во Кисела Вода, на местото каде што ги има своите почетоци. бт/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан