• понеделник, 23 декември 2024

Следната година обнова на фасадата, реновирање на третиот и петиот блок и нова мултимедијална читална во НУБ „Св. Климент Охридски“

Следната година обнова на фасадата, реновирање на третиот и петиот блок и нова мултимедијална читална во НУБ „Св. Климент Охридски“

Скопје, 27 август 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ја посети Националната установа НУБ „Св. Климент Охридски“, при што најави дека дека следната година ќе бидат одобрени средства за реновирање на третиот и петтиот блок во оваа установа. Потоа, потенцираше дека ќе има повеќе инвестиции, меѓу кои санација на фасадните површини, а во употреба ќе се стави и новиот дел на зградата, каде се планира да биде отворена мултимедијална читална.

Љутков за време на посетата оствари средба со в. д. директорот на установата Јовица Никчевски. 

- Она што можев да видам е дека во 2022 година е направена интервенција и реновирање на кровот. Од петте блока, реновирани се првиот, вториот и четвртиот блок. Бидејќи тогаш се немало слух за да се реновираат овие ситуации, под притисок на јавноста и на медиумите се одобрени средства во 2022 година за реновирање на трите блока. Но за жал, од тогаш до сега, блоковите три и пет се останати во истата ситуација. Во наредната 2025 година полека ќе одобриме средства во буџетот за реновирање на третиот и петтиот блок, рече Љутков.

Најави дека потоа ќе следува и втората фаза, а третата фаза ќе биде фасадното решение или обновување на фасадата. Љутков рече дека новиот објект кој што е отворен во оваа установа во 2008 година функционирал до 2016 година и од тогаш е затворен и нефункционален.

- Ова навистина уште еднаш ја покажува негрижата што е водена во претходните седум години. Разговаравме со директорот за можните решенија и за овој објект и мислиме дека во скоро време овој проблем ќе биде надминат. Директорот има одлични решенија како да се врати повторно во форма оваа установа, со мала помош од Министерство за култура, рече Љутков.

Тој напомена дека трет проблем во оваа установа се депоата кои се полни со книги издадени од 2008 до 2016 година. Рече дека ќе се направи попис и потоа ќе испратат информација до Влада да се утврди каде ќе бидат распределени овие книги. 

- Станува збор за книги со врвен квалитет, врни наслови. Ќе направиме попис и како Министерство за култура ќе пратиме информација до Влада да видиме каде да ги распределиме и каде ќе бидат најпотребни тие книги – дали во книжарниците, библиотеките, дали по министерствата ќе се користат како подароци, но во секој случај да ги искористиме и да ги исчистиме депоата, додаде Љутков.

В.д. директор на НУБ Климент Охридски посочи дека е одобрен проектот COBISS - Софтвер за библиотечно информацискиот систем на Република Македонија, без кој што библиотечниот систем би бил во целосен колапс.

- Денеска добивме информација од министерот дека ни е одобрен проектот COBISS. Претходното раководство на Министерството за култура немаше таков „сенс“ и покрај децениско функционирање на овој проект. Договорот е потпишан во 2004 година, а првпат во 2024 година се случи да не добиеме пари за овој проект. Тоа би значело дека целата библиотечна дејност, не зборувам само за НУБ туку за сите библиотеки во земјава, нема да функционира. Благодарание на ребалансот и на заинтересираноста на Министерството, ќе продолжиме понатаму со соработката, рече Никчевски.

Посочи дека имаат потреба од повеќе инвестиции, меѓутоа приоритет е да се заврши покривот, а во втората фаза и плафонските стакла кои се небезбедни. Најави дека е договорено да се стави во употреба новиот дел на зградата, каде се планира да биде отворена мултимедијална читална.

Освен внатрешниот, ќе се реновира и надворешниот дел што е дел од третата фаза. 

- Третата фаза е санација на фасадните површини, репарација и реставрација, вклучувајќи ги и скалите, односно мермерните подлоги на подот. Во однос на хигиената, морам да ве известам дека е поделен делот околу библиотеката. Еден дел припаѓа на Градот Скопје како јавна површина, а останатиот дел – службениот, е наша надлежност. Значи, службениот влез во овие 20 дена е среден и исчистен, има нов обележен паркинг, проектиран паркинг, но се обидуваме да стапиме во комуникација со „Паркови и зеленило“ и со „Комунална хигиена“ околу она што е нивна надлежност, додаде Никчевски.

НУБ „Св. Климент Охридски“ оваа година ќе одбележи 80 години од основањето. Библиотеката е основана со решение на АСНОМ на 23 ноември во 1944 година.

- Во потрага сме по овој документ. Направивме обиди да контактираме со Архивот и со Институтот за национална историја за да го обезбедиме тој документ. Имаме дел од документацијата каде што Шоп Трајанов се именува за прв директор, со потпис од тогашниот Президиум од Ченто. Меѓутоа, тој ден е заборавен во оваа библиотека. Значи, 23 ноември тука не се одбележува, рече Никчевски, најавувајќи дека годинава ќе биде одбележан овој ден. бт/бак/

Фото: МИА архива, принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан