• сабота, 23 ноември 2024

Јапонската влада апелира за заштеда на енергија поради рекордните жештини

Јапонската влада апелира за заштеда на енергија поради рекордните жештини
Токио, 1 јули 2022 (МИА) - Највисоките температури во историјата на мониторингот во Јапонија се забележани на истокот на земјата во текот на неделата, поради што властите бараат од граѓаните да ја ограничат потрошувачката на енергија, која се троши во големи количини поради клима уредите. Температури над 35 степени Целзиусови се забележани во петокот во областа околу Токио, седми ден по ред. Во понеделник се очекува освежување, пониски температури и можни врнежи од дожд. За првпат оваа недела, денеска властите не предупредија за можен прекин на електричната енергија, иако снабдувањето со енергија е сè уште ограничено и цените се високи. Како резултат на тоа, некои претставници од владата бараат рестартирање на неколку нуклеарни реактори кои не работат по катастрофата во Фукушима во март 2011 година. Во градот Исесаки регистрирана е температура од 40,3 степени Целзиусови, што е највисока температура забележана во Јапонија оваа година, додека температурите во градовите северно од Токио беа 40,1 и 40 степени. Во центарот на Токио температурата беше 37 степени Целзиусови. Овие температури се нормални за Јапонија, но не и за овој период од годината. Рекордните жештини забележани во јуни се најголеми од почетокот на мониторингот пред 147 години. Електричната мрежа во поширокото подрачје на Токио, каде што живеат 37 милиони луѓе, во четвртокот достигна ниво на потрошувачка што може да предизвика прекини. Состојбата е олеснета со мерките што властите ги воведоа на почетокот на јули за да се справат со високата летна побарувачка. паг/    

Остани поврзан