• недела, 22 декември 2024

Јанушев: Спасовски и Ковачевски да дадат одговори за набавката на систем за следење на комуникациите на интернет

Јанушев: Спасовски и Ковачевски да дадат одговори за набавката на систем за следење на комуникациите на интернет

Скопје, 2 декември 2023 -

Во Македонија се случува не мега, тука ултра скандал од највисок степен поврзан со следење на комуникациите на граѓаните.

„Големиот брат“, односно нелегалното следење и надзор на комуникации се случува и поминаа 20 часа од ова мое тврдење и се уште нема демант на овие основани сомневања.

Како што објавив вчера од собраниската говорница, од страна на власта набавен е систем за следење на комуникациите, преку кој имаат можност за пристап до буквално  целиот интернет сообраќај во државата, на било кој уред, на било кој телефон, на било кој оператор, на било кое лице – приватно или службено, како и можност за пристап до било кој уред, односно телефон со т.н. „малициозен софтвер“.

Во Членот 2 од Законот за следење на комуникациите е наведено дека за производство, нудење на продажба, продажба, увоз, извоз, реекспорт или држење на средства за следење на комуникациите мора претходно да се добие одобрение од МВР!

МВР нема издадено такво одобрение! И постои таков документ на кој е потпишан токму Спасовски во кој изричито се тврди дека МВР нема дадено одобрение!

Понатаму, согласно член 62 од Законот за следење на комуникациите, МВР е исклучиво надлежна да изврши контрола над спроведување на одредбата од член 2!

МВР нема извршено никаква контрола! И Спасовски лаже дека одговорил на сите писмени барања кои му се упатени во врска со овој случај бидејки пред околу 2 месеца лично јас му пратив барање за оваа информација на која се уште нема одговорено!

Има сериозни индиции дека Министерот Спасовски е запознаен со предметот на набавката и имал увид до техничката спецификација на истата, а наводно и бил лично брифиран за истото на состанок кој се одржал во просториите на ОТА и на кој покрај Спасовски присуствувале и претставници на ЈО и лично Јовевски!

Значи, МВР и Спасовски знаеле за набавката, не дале одобрение за истата, исто така знаеле за техничката спецификација бидејќи биле информирани, но не преземале ништо иако со закон се исклучиво надлежни да вршат контрола за набавки на опрема за следење на комуникациите од страна на било кој во Република Македонија! 

Исто така, запознаено е и ЈО и Јовевски и не само што немаат отворено истрага, туку информациите посочуваат на сериозни сомневања дека се обидуваат да го прикријат случајот!

Се сомневаме дека овој систем веќе е во употреба речиси една година и истиот се користи за нелегално прислушкување.

Оградувањето дека станува збор за класифицирани информации е само криење и паника бидејќи се фатени на дело!

Имено, согласно член 20 од Законот за класифицирани информации – „информацијата која е одредена со степен на класификација, нема да се смета за класифицирана информација, ако со неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка“!

Во овој конкретен случај се исполнети сите услови од членот 20 – оваа набавка е кривично дело со тоа што е спроведена на незаконит начин бидејќи е спроведена без одобрение на МВР што е задолжителен елемент и без кој не ни смеела да почне постапката за набавка, понатаму – имаме и пречекорување и злоупотреба на функцијата од оние кои ја потпишале, односно одобриле и спровеле набавката, а прекршени се и неколку други одредби од Законот за следење на комуникациите – особено што со овој систем се дава можност за масовно прислушување и прекршување на основните човекови права на ниво кое што до сега не е видено во Македонија.

Спасовски и Ковачевски треба веднаш да излезат пред македонската јавност и да дадат одговори пред народот.

Прес-конференција на Игор Јанушев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан