Јаневска: Имаме инфраструктурни објекти кои се во комплетен распад
- Министерката за образование и наука Весна Јаневска попладнево на собраниската говорница нагласи дека во земјава има многу инфраструктурни објекти кои се во комплетен распад.

Скопје, 27 февруари 2025 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска попладнево на собраниската говорница нагласи дека во земјава има многу инфраструктурни објекти кои се во комплетен распад.
-Имаме инфраструктурни објекти кои се во комплетен распад. И срамота е во 21 век во Македонија да имаме училишта како во музичкото училиште во Битола каде има дупки на преградните ѕидови, а во Брвеница тоалетот беше надвор од училишната зграда и децата зиме по снег требаше да отидат до тоалетот. Да не зборувам и за безброј други кровови, греди, прозори кои паѓаат а се надводно пред пет-шест месеци монтирано и бројни други инфраструктурни проблеми за кои се платени средства, а де факто не се изведени како што треба. Ние губиме и време и енергија да ги расплеткаме случаите. До таму што има тужби, камати, тужела една фирма, тужела друга фирма, па еден се жали....Ние огромна енергија губиме за да ги решиме правно вакви и слични случаи за Министерството да не плаќа камати на договорени тужби на неисплаќано за да течат камати за после со тие камати нешто да се направи, рече Јаневска одговарајќи на прашањето на пратеникот на „Влен“ Салим Сулејмани.
Сулејмани праша за тоа дека во струшкото село Калишта во 2003 година од страна на МОН било планирано да се изгради ново училиште за чија цел бил отворен тендер и започнати градежните работи, но, како што рече, откако се поставиле темелите изградбата ненадејно било прекината. Пратеникот информира дека граѓаните самоволно со свои средства си го изградиле училиштето, но, како што посочи, во официјалните документи фигурира дека иградено е училиште на три ката. Потенцира дека и после 20 години во дворот на училиштето стојат само столбовите на темелите кои се препрека децата да играат слободно во дворот на училиштето.
Министерката нагласи дека правниот основ за решавање на овој проблем се наоѓа кај градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко.
-Она што би било решение за учениците во Калишта, според информациите од службата на инженерите во Министерството, дека би можело да се расчисти затоа што и онака е бесправен објект и неупотреблив за да доградува или да се пренамени во нешто друго, но тоа е обврска на градоначалникот. Градоначалникот би требало да си најде начин и тоа е де факто градежен шут кој се наоѓа блиску до училиштето во селото. Треба да најде начин за да го расчисти тој градежен шут и да им овозможи на децата нормално учење. Ќе се обидам на секој можен начин да најдам правен основ Доколку постои било каков основ и доколку имаме средства во буџетот, ние релативно брзо би се обиделе да помогнеме на граѓаните. Правниот основ се наоѓа кај градоначалникот на Струга, рече таа.
Јаневска ги елаборираше сите податоци кои можела да ги најде за планирањето на изградбата на ова училиште.
-Според извештајот кој го најдовме во МОН од 2012 година, првпат е направена било каква било каква ревизија. Претходно не е направена никаква ревизија. Процесот е започнат во времето на министерот Азиз Положани. Тогаш во некакви избори им било ветено дека ќе се направи тоа училиште и почната е изградбата на училиштето. Комисијата за јавни набавки на опрема, стоки, вршење на материјали прави инвестиции во градежни работи , Комисијата констатира дек Министерството може тоа да го направи. Вака вели „Решение за избор на носители за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи на 150 објект од основно и средно образование и решение за избор на носители за вршење на стручно-технички надзор“. Во ова решение наведено е дека во изградба на нов училишен објект е и основно училиште „Браќа Миладиновци“ во село калишта, Општина Струга. На 15.08.2003 година склучене договор за градење со фирмата „Кондри инженеринг“ од Струга во вкупна вредност работите од 13.527.660 денари.На 13.08.2024 година МОН склучува договор за вршење за стручен надзор со фирмата „Урбан“ ДОО од Охрид. Во септември 2003 година изведувачот „Кондри инженеринг“ од Струга доставува авансна ситуација која не е заведена во архивата на МОН од 900 илјади денари. А во септември 2024 година доставува прва времена судација која исто така не е заведена во архивата на МОН, ниту кај изведувачот во вкупен износ од 2.542.215 денари. Во извештајот не најдов дека училиштето треба да биде од три спрати. Изведувачот никогаш не добил урбанистичка дозвола од градоначалникот на Струга и ова де факто е диво градба, рече министерката Јаневска.фф/са/
Фото: принтскрин