• понеделник, 04 ноември 2024

Јакимовски: Во опасност е доведено давањето услуги на граѓаните во Општина Карпош

Јакимовски: Во опасност е доведено давањето услуги на граѓаните во Општина Карпош

3 јануари 2024 

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска ја предупреди јавноста дека поради блокирањето на Буџетот од страна на дел од советниците, доведено е во сериозна опасност работењето на општината и давањето на услугите на граѓаните во Карпош. Со блокирањето на Буџетот, како што рече Јакимовски, директно се загрозува локалната власт.

 За жал можеме да видиме како неодговорни луѓе си играат со држава. Имаме законодавма, судска, извршна и локална власт. Ова е класично загрозување на една власт, а тоа е локалната власт, во конкретниот случај Општина Карпош. Ниту граѓаните, ниту вработените имаат фајде од тоа што некој ќе им каже дека ги разбира и дека нивниот револт е оправдан. Постојат закони кои политиката ја ставиле во одредена рамка и кога на политиката главата ќе и биде премногу усијана и кога ќе прават премногу глупости тогаш настапува законот. За жал никој не го почитува законот и обврската на Советот на општина Карпош, на претседателот на Советот, на 31.12. да донесе или Буџет или да донесе Одлука за времено финансирање. Во конкретниот случај ниту е донесен Буџет, ниту е донесена Одлука за времено финансирање.

Јакимовски наведе дека освен што е во опасност реализирањето на сите програми на општината, во сериозна неизвеност се доведени и исплатата на платите, па дури и работните места на вработените во градинките, училиштата, во општинската администрација и на привремено вработените.

-Со тоа се доведени во опасност сите програми на Општина Карпош, што значи дека нема да може да се даде сервис и услуга на граѓаните, да не можат вработените да земат плата. Дури и да доаѓаат и да земаат плата, кој е ефектот и ќарот на граѓаните на општина Карпош ако вработените само земаат плата, а не се остваруваат програмите, односно, ако не се поправаат светилките, ако не се поправа урбаната опрема, ако не се решава запушената канализација и сите други потреби што ги имаат граѓаните на Општина Карпош. Имаме сериозен проблем. Не можат да се донесат правни акти кои ќе важат ретроактивно. Од друга страна, тврдењата „да не се грижат вработените, тие ќе земаат плата ако прејдеме на времено финансирање“, тоа значи дека минатата година ова време сме имале 40 проценти помала плата од тоа што сега ја земаме. Тоа значи дека овие луѓе ќе треба да земат 40 % помала плата, а тоа значи дека треба да донесеме нова одлука за помал бод. Штом ќе биде тој бод помал, ако ја исплаќаме така платата два месеца, нема теоретска шанса во март, април или било кој друг месец да имаме повисок бод од тој што го утврдила државата. Тоа значи дека овие луѓе трајно ќе останат без тие пари, односно ќе мора да го надоместуваат по судски пат. Ете тоа е ќарот на Општина Карпош од луѓе кои што се крајно неодговорни, кои што се залутани во оваа работа. Згора на тоа, општината не е надлежна да донесе одлука колкав ќе биде бодот на вработените во градинките и во училиштата. И тие ќе имаат 40% помали плати, а ние нема да можеме за тоа да донесеме одлука. Значи, овие луѓе влегоа во еден правен лавиринт, за што им кажувавме дека ќе дојдеме во сериозна опасност. Мислам дека ги претераа сите можни граници на едно нормално, па дури да кажам и ненормално функционирање на политиката. Партиите кои се најодговорни за оваа работа сносат одговорност. Јас не можам да се изначудам на колегите од Левица кои за претседател имаат универзитетски професор по право да прибегнуваат кон вакви политички одлуки кои го суспендираат правото. Во тој дел, мислам дека најголема е нивната одговорност, нагласи Јакимовски.  

Општина Карпош 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан