• четврток, 02 мај 2024

Јавна расправа на Управниот суд за тужбата од Академијата за судии и јавни обвинители

Јавна расправа на Управниот суд за тужбата од Академијата за судии и јавни обвинители

Скопје, 13 април 2024 (МИА) - Управниот суд соопшти дека денеска во 14:30 часот ќе одржи јавна расправа по тужбата поднесена од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ од Скопјe, против Одлуката на Државната комисија за спречување на корупција.

Академијата за судии и јавни обвинители поднесе тужба пред Управен суд по одлуката на ДКСК дека Академијата со конкурсот и тестирањето на кандидатите за судии и обвинители го прекршува законот во изборен период.

Претставката до ДКСК беше поднесена од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска - Давкова.

Од Академијата посочија дека пред и на самата јавна седница на ДКСК одржана на 10 април, имало многу процедурални повреди, за што Академијата ќе бара судска заштита и ќе ги остварува своите права пред Управниот суд.

- Академијата по добивањето на Одлуката од ДКСК во законскиот рок ќе поднесе тужба и истата ќе биде заснована на факти, а не на политички маркетинг, невистини и инсинуации, како што беше случајот со јавната седница, кога претседателскиот кандидат се повикуваше на некакви писма и изнесуваше разни шпекулации и измислици, а на Академијата ѝ беше ускратено правото на одговор по истите, соопштија тогаш од Академијата.

Оттаму, исто така, изразија верување во институциите на системот и најавија дека ќе ја почитуваат одлуката на Управниот суд. мч/дма/

фото: МИА архива

Остани поврзан