• петок, 22 ноември 2024

Јавна дебата на Клубот за младински прашања и политики - сите пратеници да работат натпартиски кога се во прашање младинските политики

Јавна дебата на Клубот за младински прашања и политики - сите пратеници да работат натпартиски кога се во прашање младинските политики

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) - Клубот за младински прашања и политики е тело кое претставува мост на младите со институциите. Законот за младинско учество и младински политики, кој беше донесен за време на првиот состав на Клубот, треба да се надоградува. Тој направил одредено поместување, но во голема мера не се имплементираат одредени одредби. Кога се во прашање младите не треба да има политика, младинските политики треба да бидат приоритет и сите пратеници да работат натпартиски. Ова беа заклучоците од денешната прва јавна дебата на новиот состав на собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

Координаторката на Клубот, Драгана Бојковска во своето излагање денеска посочи дека целта е подобрување на младинските политики во државата, со пособен фокус на Законот за младинско учество и политики. Таа напомена дека ова е прва дебата на Клубот по неговото основање на 10 септември, а членуваат 21 пратеник од секоја парламентарна група.

-Во добар дух носиме заеднички одлуки со консензус, во однос на младинските политики. Верувам дека секој член на Клубот пристапува со искрени намери и со искрена цел, а тоа е овозможување на подобар живот на младите во Македонија. На конститутивна седница на Клубот кажавме дека ова тело мора да претставува мост на младите со институциите и токму затоа Законот за младинско учество и политики кој беше донесен со консензус на претходниот состав на Клубот, сметам дека е влез за нашата работа, рече Бојковска.

Таа потсети дека за Законот за младинско учество се одржаа повеќе јавни расправи и тркалезни маси, дел од нив поради следење на имплементација на самиот Закон, а дел поради можноста за подобрување на ова законско решение.

-Лично и претходно учествував во јавните расправи од Клубот и другите организации во врска со Законот, и можам да кажам дека токму тие јавни дебати ме поттикнаа да поведам иницијатива за основање на локалниот младински совет во општина од која што доаѓам, во Илинден, додаде Бојковска.

Заменик-министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во обраќањето денеска напомена дека Законот за младинско учество и политики треба да се надоградува и тој процес да биде континуиран.

-Младите за првпат дојдоа во позиција да бидат во самото Министерство, во Министерството за социјална политика, демографија и млади каде се кројат сите политики за млади, кои треба да добијат одобрување од сите чинители на општеството, за да можеме да изградиме еден добар и стабилен систем, а сегашниот да го надоградиме. Законот за младинско учество и политики треба да се надогради, бидејќи се што се носи како политика треба постојано да се надоградува континуирано и заеднички од сите засегнати страни. Го охрабрувам Клубот да создадеме добра динамика и сите прашања кои ги имаме да ги дискутираме отворено. Само на тој начин ќе дојдеме до состојба младите во Македонија дојдат до подобра позиција, рече Велковски.

Тој потенцираше дека според статистичките податоци, во државата имаме опаѓање на наталитетот, а тоа е предизвикано од политиките кои се паушално или слабо имплементирани. 

-Денес имаме училишта со помалку од 20 илјади ученици запишани во паралелките во основните и средните училишта. Имаме за жал големо заминување на младите луѓе од државата. Се она што Министерство ќе го спорведе, а се однесува на вработување на млади луѓе, нивна диквалификација, нивна преквалификација, отворање на младински хабови и се она што го имаме предвидено како Влада и во самата програма која е одобрена од Собранието, може да се имплементира, ако сите заеднички седнеме и овие работи ги поставиме правилно. Само на тој начин ќе имаме позитивни резултати. Ние како држава немаме систем и затоа младите со години наназад заминуваат од државата, појасни Велковски.

Дона Костуранова од Фондација за демократија на Вестминстер посочи оти ги охрабрува младинските организации, неформални групи и сојузи, да бидат во контакт со пратенниците за нивните препораки, ставови, проблеми и предизвици да се решаваат во Собранието.

-Клубит за младински прашања е формиран во 2017 во Собранието, како натпартиско тело кое што ги застапува младите. Младите се една петтина од вкупната популација на оваа држава иако бројката опаѓа. Младите за жал, се сеуште социополитички исклучена група која што не се препознава себе си во политичките процеси, која за жал покажува скептични погледи кон самата демократија како политички систем и која што има недоверба дека институциите можат да ги решаваат нивните проблеми. Најпозитивната работа е што сите истражувања ни потврдуваат дека оние млади кои биле општествено активни и се обиделе нивниот глас да биде чуен без разлика дали успеале или не, се посклони да делуваат и имаат повеќе доверба во институциите и во самите себе си да влијаат, рече Костуранова во своето излагање.

Таа напомена дека еден од најголемите успеси на првиот состав на Клубот е носењето на самиот Закон за младинско учество и младински политики во 2020 година.

-Самиот процес на изработка на Законот беше постигнување од неколку аспекти. Процесот беше екстремно консултативен каде што директно учество земаа и младинските организации и помладоците на политичките партии и низ база на консензус се стигна до решението кое на крај беше усвоено. Законот за првпат во оваа држава постави дефиниција што и кои се сметаат за млади, прпват постави некои норми и гаранции дека буџет треба да биде одвоен за младински политики и на национално и на локално ниво и даде одредени обврски на институциите, почнувајќи од креирање на стратегии и политики, па се до формирање на младински центри, рече Костуранова.

Како што додаде, заклучокот беше дека иако Законот направил поместување, во голема мера не се имплементираат одредени одредби.

Пратеникот Љупчо Николоски рече дека младински политики треба да бидат приоритет на сите пратеници и тука треба да работат надпартиски.

-Не треба да има политика кога се во прашање младите, заради тоа што ова се алармантни состојби во делот на младите и сите ние треба да дадеме максимална придонес, рече Николоски во обраќањето.

Пратеникот Амар Мециновиќ е на ставот дека треба да има политичка волја која нема да е во насока на позиција или опозиција, треба да постои континуитет во работата за младински политики. бт/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан