• петок, 22 ноември 2024

Ѕвездата на германската левица Зара Вагенкнехт не успеа да формира нова левичарска група во ЕП

Ѕвездата на германската левица Зара Вагенкнехт не успеа да формира нова левичарска група во ЕП

Брисел, 4 јули 2024 (МИА) – Германската левичарска националистичка и популистичка Алијанса Зара Вагенкнехт (БСВ) соопшти дека не успеале нејзините обид за формирање нова партиска група на левицата во Европскиот парламент. 

Според лидерот на БСВ во Европарламентот, Фабио де Маси, преговорите за формирање „алтернативна левичарска групација“ пропаднале поради „повлекувањето во последен момент“ на некои од партиите потенцијални коалициски партнери, како и поради „моќните лостови на големите групи“. 

БСВ беше формирана во јануари годинава кога нејзината лидерка Зара Вагенкнехт ја напушти германската социјалистичка и лево популистичка партија Левица (ДЛ). БСВ чие целосно име е Алијанса Зара Вагенкнехт - Разум и правда, има левичарски позиции во однос на економијата, но десничарски и конзервативни општествени и културни ставови, кои се особено популарни меѓу анти-естаблишмент гласачите и десничарите. 

По Европските избори на кои БСВ освои два и пол пати повеќе гласови од ДЛ и освои шест пратеници, Вагенкнехт најави дека има доволно поддршка од други партии во Европскиот парламент за да формира нова парламентарна група.  

Де Маси во вторникот изрази оптимизам дека новата група ќе биде формирана, објавувајќи на социјалните мрежи дека „во последен момент“ добиле барања за разговори од партии членки на групацијата Левица, кои „се чувствуваа маргинализирани поради нивниот фокус кон мирот, дипломатијата и социјалната правда“. - Тие се чувствуваат згрозени што ДЛ ќе продолжи да ја води нивната парламентарна група и покрај изборниот пораз на партијата, додаде Де Меси. 

Сепак, на крајот тој информира дека разговорите биле прекинати синоќа во последен момент, бидејќи „заинтересираните партии одлучиле да не се приклучат“ на евентуалната нова група. 

Според Де Маси, БСВ успеала „да дојде многу блиску“ до формирање нова политичка формација, при што интерес за членство во неа изразиле 20 европратеници од шест земји.  

Пратеничка група во Европскиот парламент може да формираат најмалку 23 пратеници, кои при тоа мора да доаѓаат од најмалку една четвртина од земјите членки на ЕУ или во сегашниот случај од најмалку седум. 

Де Маси тврди и дека интерес за пристапување кон група предводена од БСВ пројавиле и некои членки на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), но дека се откажале од таквата идеја како резултат на „моќните лостови на големите групи“. 

Според Де Маси, БСВ сега ќе се стреми кон блиска соработка со „заинтересираните демократски партии“ за да понуди алтернатива на партиите што сакаат да се задржи статусот кво, како Европската народна партија (ЕПП), социјалдемократите, либералите и зелените, кои „се здружуваат“ околу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

- Нашата работа ќе ги постави темелите за наша сопствена група во Парламентот на ЕУ во не толку далечна иднина, додаде Де Маси. 

Меѓу партиите со кои БСВ преговарала за формирање на новата групација, според Де Маси, било и италијанското лево популистичко Движење Пет Ѕвезди (М5С), кое има осум европратеници и кое во меѓу време најави дека поднело барање за членство во групата Левица. 

М5С пролетва преговараше со Зелените за приклучување кон нивната група во ЕП, но тие не вродија со плод, по што беше најавено дека би можеле да продолжат по Евроизборите. 

По однос на апликацијата на М5С, Левицата треба да решава денеска. Доколку италијанското движење биде примено во Левицата, групата би имала 47 европратеници. 

Одлуката за прием на М5С првично требаше да биде донесена вчера, но беше одложена за денеска заради „дополнителна проценка“.  

Според извори во групата, „дополнителната проценка“ се должи на загриженоста на некои партии членки поради учеството на М5С во италијанската Влада заедно со екстремно десничарската Лига на Матео Салвини од 2018 до 2019 година, како и соработката со националистичката про-Брегзит Партија за независност на Обединетото Кралство на Најџел Фараж во Европскиот парламент во мандатот 2014-2019. 

- Вратата за М5С е отворена, но има јасни политички услови. Имаме неколку прашања за нив за нивната стратегија во Европа и Италија, но главното прашање е дали тие се чувствуваат како дел од историјата на левичарското семејство, изјави лидерката на Левицата, француската европратеничка Манон Обри. 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан