• недела, 22 декември 2024

Ѓорѓиевски: ЗЕЛС останува обединет

Ѓорѓиевски: ЗЕЛС останува обединет

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) - Во ЗЕЛС нема поделби и отстапувања и ЗЕЛС останува обединет, изјави  градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, одговарајќи на новинарско прашање за разговорите со градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, во врска со  напуштање на УО на ЗЕЛС.

Во изјава за медиуми по отворањето на 23. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК), Ѓорѓиевски информираше дека одлучиле Струмица да не излегува од ЗЕЛС.

- Со мојот драг колега Костадинов вчера имавме дебата и на дебатата заклучивме дека нема Струмица да излегува од ЗЕЛС. Практично можам да го заокружам овој процес и да кажам јавно и во присуство на мојот потрпретседател дека во ЗЕЛС нема поделби, отстапувања и ЗЕЛС останува обединет, рече тој, дополнувајќи дека ќе остварат средби и заеднички ќе се решава за предизвиците.

Во однос на прашањето за изјавите на четворица градоначалници дека ќе формираат Албанска академија на науки и уметности, тој одговори дека не гледа причина за отворање на такви теми.

- Генерално сметам дека имаме МАНУ во државата, тоа е мој став и не гледам причина за отворање на такви теми и прашања, изјави тој.

Посочи дека нема информација дали тоа е согласно закон и кажа дека е прашање за кое што разговарал со колегите.

- Ова е прашања кое што разговаравме со потптретседателот Перо Костадинов, со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, но и со останатите колеги ќе мора да разговараме на наредна седница на ЗЕЛС, околу нашиот став, рече Ѓорѓиевски.

Дополни дека, наместо да се занимаваме со вакви прашања, приоритет треба да биде обезбедување на подобри услови за живот на граѓаните.

- Треба еднаш засекогаш да затвориме одредени прашања и да не бидат просторот во кој што ќе се прават делби во оваа држава. Треба да грабаме сите напред и да создаваме подобри услови за секој еден граѓанин. Треба сите заеднички да се бориме кон една, единствена цел. Усовршување на нашата законска регулатива. Создавање на услови за нашите млади, нешто што ќе го задржи нашиот народ овде. Делбите и поделбите од кои никој нема да види ништо, не ни требаат на нашата држава, посочи тој. ар/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан