• недела, 22 декември 2024

Ѓорѓиевски: Единството е темелот на ЗЕЛС и не смее да биде нарушено

Ѓорѓиевски: Единството е темелот на ЗЕЛС и не смее да биде нарушено

Скопје, 3 ноември 2024 (МИА) - Како претседател на ЗЕЛС, недвосмислено стојам на ставот дека нема да дозволам никакви политички злоупотреби во оваа институција. ЗЕЛС отсекогаш била платформа каде што политиката се држи настрана, бидејќи единствениот фокус треба да биде на локалните самоуправи, на граѓаните и нивните интереси, вели во претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски во интервју за мкд.мк. 

Ѓорѓиевски порачува дека политичките манипулации можат да имаат единствено негативен ефект врз граѓаните и нивниот квалитет на живот. 

- Во ЗЕЛС, најважно е единството. Јас лично, како претседател, сум бил во ситуација кога немав добра соработка со одредени министри од претходната власт, но никогаш не ја злоупотребив позицијата ниту пак помислив на бојкот или на напуштање на оваа асоцијација.Верувам дека само преку отворен дијалог и конструктивна комуникација можеме да ги надминеме сите предизвици, а овие последни политички турбуленции го потврдија токму тоа. И двајцата градоначалници кои најавија напуштање на ЗЕЛС изјавија дека немаат проблем со институцијата ниту со мене лично, и по остварените средби кажаа дека остануваат дел од нашата заедница. Единството е темелот на ЗЕЛС и не смее да биде нарушено. Секој градоначалник, кога ја добива таа позиција од граѓаните, има обврска да работи и да решава проблеми, а не да се користи со закани, бојкоти или да хибернира, нешто што за жал, токму сега го гледаме во Скопје. Затоа, се залагам за законско решение кое ќе овозможи предвремено отповикување на секој градоначалник кој не си ја врши својата работа, бидејќи интересите на граѓаните мора да се стават на прво место, вели Ѓорѓиевски.

Говорејќи за соработката на ЗЕЛС со новата Влада истакнува дека со потпишаниот Mеморандум за соработка се дефинирани заедничките насоки за работа и се овозможува вистински партнерски однос.

- Според мене, тоа е сериозен сигнал дека и централната власт е подготвена за реално партнерство. Во таа насока, активно се работи на измени во предлог-законот за државни службеници. Претходната верзија беше камен на сопнување бидејќи беше многу нерамноправна во однос на државните службеници од централната и локалната власт. Во моментот, работни групи од Министерството за администрација, претставници од ЗЕЛС и од општинските администрации седнуваат на заедничка маса за да најдат соодветно решение кое ќе ги задоволи сите засегнати страни, наведува претседателот на ЗЕЛС.

Дополнително, најавува Ѓорѓиевски, ќе бидат формирани финансиски работни групи со претставници од локалните финансиски сектори, кои ќе работат заедно со централните институции при креирањето на Буџетот за 2025 година. Веќе започна реализацијата и на директната финансиска помош за проектите, при што првпат на локално ниво се распределуваат 100 милиони евра, односно 250 милиони евра за четирите години, што овозможува решавање на децениски проблеми на граѓаните во, буквално сите општини. Овие средства се распределуваат правично, а со нив значително ќе се подобри животот на нашите сограѓани, вели претседателот на ЗЕЛС. лв/цр

фото: МИА 

Остани поврзан