• петок, 22 ноември 2024

Ѓоковиќ осми пат избран за најдобар спортист на Балканот

Ѓоковиќ осми пат избран за најдобар спортист на Балканот

Софија, 15 јануари 2024 (МИА) – Првиот светски рекет, Новаќ Ѓоковиќ, по осми пат е избран за најдобар спортист на Балканот. Во јубилејниот 50. избор на Бугарската новинска агенција (БТА) Србинот е прогласен за спортист на 2023 година. 

Ѓоковиќ минатата година освои седум титули вклучувајќи ги Грен слем турнирите Австралија опен, Ролан Гарос, УС опен, како и Завршнито АТП турнир. Тој е вицешампионот на Грен слем Вимблдон и ја заврши годината како број 1 на светската ранг листа по рекорден осми пат. 

Второто и третото место отидоа во рацете на двајца кошаркари, српскиот кошаркар Никола Јокиќ и бугарскиот Александар Везенков.

Топ 10 спортисти кои влегоа во потесниот избор, покрај Ѓоковиќ, Јокиќ и Везенков се Борјана Калејн (Бугарија, ритмичка гимнастика), Џанмарко Тамбери (Италија, атлетика), Ивана Шпановиќ-Вулета (Србија, атлетика), Мелиса Варгас (Турција, одбојка), Милтијадис Тентоглу (Грција, атлетика), Симона Радис (Романија, веслање) и Франческо Багнаја (Италија, мотоциклизам).

Во годинашниот избор гласови добија вкупно 58 спортисти, а во изборот беа вклучени и македонските спортисти Дејан Георгиевски - теквондо, сребрен медал од Европски игри, фудбалерот Елиф Елмас кој беше шампион на Италија со Наполи и Ахмад Магомедов освојувачот на бронзен медал на Европското првенство во борење слободен стил.

Свечената церемонијата на прогласувањето на најдобрите се одржа претпладнево во „Музејот на спортот“ на стадионот „Васил Левски“ во Софија.

Во изборот покрај Медиумската информативна агенција (МИА) учествуваа и националните агенции на земјите од регионот - БТА (Бугарија), АНА-МПА (Грција), АГЕРПРЕС (Романија), Агенција Анадолу (Турција), ТАНЈУГ (Србија), МИНА (Црна Гора), ХИНА (Хрватска), ФЕНА (Босна и Херцеговина) и АТА (Албанија).

За прв пат агенциите АНСА (Италија), ЦНА (Кипар) и КосовоПрес (Косово) беа вклучени во гласањето како членки на Асоцијацијата на балканските новински агенции - Југоисточна Европа (ABNA-SE). ар/зс/

Фото: МИА/МИА архива

Остани поврзан