• петок, 12 јули 2024

Шпанија: Вокс ќе се повлече од сите регионални коалициски влади со Народна партија

Шпанија: Вокс ќе се повлече од сите регионални коалициски влади со Народна партија

Мадрид, 12 јули 2024 (МИА) – Националниот извршен комитет на Вокс одлучи партијата да ги напушти сите регионални коалициски влади во кои учествува заедно со Народна партија (ПП), што според лидерот Сантијаго Абаскал се должи на „агресијата“ на претседателот на ПП Алберто Нунес Феихо, кој „ги принудува“ заедниците да прифатат малолетни мигранти без придружба.

Вокс конкретно ќе се повлече од локалните власти во Кастилја и Леон, Арагон, Валенсија, Екстремадура и Мурсија. Абаскал наведе дека потпретседатели во тие области ќе поднесат оставки за да ја направат партијата „лојална и силна“ опозиција во тие заедници. Неговата партија ќе се повлече и од Инвестицискиот пакт на Балеарските Острови.

Абаскал овој потег го најави вчера, на крајот на итниот состанок на раководството на партијата.

- Невозможно е да се постигне договор со оние што не сакаат, наведе Абаскал, кој го обвини Феихо дека се обидува да „наметне политика на отворени граници“ и предупреди дека „никој не гласал“ за Вокс или за ПП за да ја поддржуваат „инвазијата“ на илегални мигранти и малолетници без придружба во Шпанија.

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез го поздрави повлекувањето на Вокс од регионалните влади, оценувајќи оти „денеска е голем ден за Шпанија“. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан