• петок, 20 декември 2024

Шикорски во Тирана: Полска ја поддржува интеграцијата на Балканот во ЕУ и тоа ќе биде нејзин приоритет

Шикорски во Тирана: Полска ја поддржува интеграцијата на Балканот во ЕУ и тоа ќе биде нејзин приоритет

Тирана, 19 декември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Шикорски, чија земја од први јануари го презема претседавањето со ЕУ, за време на денешниот престој во Тирана, го пренесе ставот дека „неговата земја ја поддржува интеграцијата на Балканот во ЕУ“ и оти „тоа ќе биде нејзин приоритет“.

На средбата со неговиот домаќин, албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, посетата ја оцениле „за важен момент за зајакнување на односите меѓу Албанија и Полска“, при што Шикорски ја нагласил поддршката за интеграцијата на Албанија во ЕУ.
-Проширувањето на ЕУ е приоритет на полското претседателство. Ја поддржува интеграцијата на Балканот во ЕУ. Упорните напори се наградени. Албанија покажа посветеност на реформите, особено во однос на владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Подготвени сме за конкретни чекори за да ве поддржиме во процесот на интеграција, рече на заедничката прес-конференција.
Хасани нагласи дека „во светло на неодамнешните случувања, особено војната во Украина, разговаравме за важноста од забрзување на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ“.

-Овој процес е од витално значење за обезбедување стабилност и безбедност во нашиот регион, како и за одржлива и просперитетна иднина за сите наши граѓани. Ја истакнавме нашата заедничка посветеност да ја поддржиме Украина во нејзината борба против неоправданата руска агресија и заеднички да ја изразиме нашата цврста поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, рече Хасани.
Шефот на полската дипломатија оствари средба и со претседателот Бајрам Бегај, на која Бегај високо ја оценил „континуираната поддршка на Полска за интеграцијата на сите земји од Западен Балкан во Европската Унија“.

-Претседателот Бегај изрази уверување дека оваа поддршка ќе продолжи и за време на полското претседавање со ЕУ, почнувајќи од јануари 2025 година, вклучително и отворањето на преостанатите поглавја од преговорите на нашата земја со ЕУ. Во разговорот, претседателот побара од полскиот министер за надворешни работи поддршка за зголемување на признавањето на Косово и негово прифаќање во регионалните и меѓународните организации, објавија од кабинетот на Бегај.

Шефот на државата оценил дека меѓу двете земји владеат многу добри и пријателски односи, како и растечка соработка во сите области од заемен интерес, посебно во економијата и туризмот. вт/

Фото: МЕНР/кабинет на Бегај

Остани поврзан