• понеделник, 23 декември 2024

Шерпасот Ками Рита по 29. пат се искачи на Монт Еверест

Шерпасот Ками Рита по 29. пат се искачи на Монт Еверест

Катманду, 13 мај 2024 (МИА) - Овој викенд, на Монт Еверест беа забележани две рекордни искачувања. Од нив, едното му припаѓа на Шерпасот Ками Рита Шерпа (54), кој по 29-ти пат во животот се искачи на највисоката планина на светот. Британскиот планинарски водич Кентон Кул, пак, како рекордер од странска земја, тоа го направи по 19-ти пат.

Шерпасот, всушност, само го подобри својот рекорд и постави нов праг. Тој се искачи на врвот висок 8.849 метри вчера во 7:30 часот по локално време. Ками е водич повеќе од 20 години, а на врвот на Хималаите првпат стигнал во 1994 година. Оттогаш речиси секоја година го повторува истиот успех.

Ками повеќепати во минатото изјавуваше дека неговите искачувања биле само работа, но минатата година ја заврши патеката двапати за да ја врати рекордната титула од долгогодишниот соперник - Пасанг Дава Шерпа.

Меѓу жеите, Лакпа Шерпа е планинарката со најмногу искачувања на Еверест. Во 2022 година, таа се искачи на највисоката планина по рекорден 10-ти пат.

Сезоната на искачување на Монт Еверест штотуку почна. Непалската влада издаде околу 400 дозволи за искачување на Еверест за овогодишната пролетна сезона што трае од април до јуни. Речиси сите планинари се придружувани од локален водич, па се очекува да се искачат вкупно околу 800 луѓе. Тоа лани го направија повеќе од 600 луѓе, но тоа беше и една од најсмртоносните години воопшто, бидејќи на планината загинаа 18 луѓе. си/ми/

Фото: МИА архива

Остани поврзан