• сабота, 06 јули 2024

Шаќири: Наставниците успеваат да го дадат максимумот и да создаваат нови квалитетни генерации

Шаќири: Наставниците успеваат да го дадат максимумот и да создаваат нови квалитетни генерации

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) - Министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на стручната научна расправа на тема „Наставничката професија во современиот образовен и општествен контекст“ посочи дека просветителската дејност е соочена со бројни предизвици кои ги носат глобалните промени, и додаде дека земјите во развој потешко се адаптираат, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

-Јасно е дека во денешно време, не е лесно да се биде наставник. Имавме пандемија и отежнат образовен процес во форми различни од вообичаената. Се соочивме со безбедносни ризици. Доаѓаат нови технологии, вештачка интелигенција. Генерално, просветителската дејност е соочена со бројни предизвици кои ги носат глобалните промени во оваа и сите останати сфери и токму таквите промени имаат посилно влијание или да речам, земјите во развој малку потешко се адаптираат. Сепак, наставниците успеваат да го дадат максимумот и да создаваат нови квалитетни ученички и студентски генерации, вели Шаќири.

Од МОН посочуваат дека Владата спроведува план за менување на состојбите кон подобро, односно го олеснува работењето на наставниот кадар, го зголемува дигнитетот на наставниците во општеството и мотивацијата за работа постојано расте.

-Само во време на мојот мандат, кој започна во јануари 2022 година, платите на вработените во основните и средните училишта се зголемени за околу 35% - поточно од септември 2022 за 15%, од јануари 2023 за 3% и од септември 2023 за нови 15%. Во истиот овој период, реконструирани се над 120 училишни објекти, изградени се 7 нови училишни објекти и 7 нови спортски сали. Набавена е современа информатичко – комуникациска опрема во голем дел од училиштата, а во сите училишта пак, има целосно нови кабинети по природни науки и нова опрема во кабинетите по општествени науки. Сето ова значи и подобри услови за работа на наставниците, рече Шаќири. ра/мд/

Фото: Министерство за образование и наука

 

Остани поврзан