• вторник, 17 декември 2024

„Чистота и Зеленило“ Куманово ги санираше дефектите на возилата, се стабилизира изнесувањето на смет во градот

„Чистота и Зеленило“ Куманово ги санираше дефектите на возилата, се стабилизира изнесувањето на смет во градот

Куманово, 25 септември 2024 (МИА) - Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ Куманово ги санираше дефектите на дел од возилата и изнесувањето на смет веќе се нормализира, соопшти на денешната прес-конференција директорот на претпријатието Ненад Стојановски. Кумановци изминатиов период реагираа дека во некои населби и реони изнесувањето на сметот доцни, ќеси со ѓубре се расфрлани околу садовите за смет.

- Имавме застој кој траеше приближно две недели, имаше дефекти на камионите во поголем обем. Станува збор за специфични делови, чија набавка ја чекавме. Проблемите се надминати, камионите се во функција, стабилизирана е состојбата. Сметот е изнесува по определени денови и термини во различни региони од Куманово, изјави Стојановски.

Проблемот со изнесувањето на смет, според Стојановски ќе се реши со поставување на осумдесет полуподземни контејнери на повеќе локации на градот, процесот ќе почне во понеделник, наредната недела. Овие садови собираат поголема количина на смет, се скратува времето на изнесување и создавање на сообраќаен метеж. Општината веќе доставила елаборати и дозвола за поставување на поголем дел од контејнерите. Тој уште еднаш повика на поголема ангажираност на инспекциските служби и ги повика да го санкционираат несовесното однесување на дел од кумановци кои депонираат секаков вид на смет на места кои не се предвидени за тоа.

- Барам од Владата да ја спроведе втората фаза од децентрализацијата и експресно воведување на комунална полиција. На овој начин ќе се решат проблемите со сметот кој неовластено се фрла. Тука се мотокултиваторите кои неовластено циркулираат во сообраќајот и создаваат „диви“ депонии. За нас тоа дополнителен трошок, на некои локации се изнесува смет од четири до пет пати, вели Стојановски.

Правните субјекти треба да го рециклираат отпадот, особено оние кои рециклираат стара хартија. Стојановски посочи дека дел од угостителите одлагаат и масла во контејнерите. Директорот на кумановското претпријатие најави дека во преговори се за реализација на прекугранични проекти во кој покрај набавка на современа опрема ќе се едуцира и населението и субјектите за начинот на одлагање на сметот, рециклирање. ам/ир/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан