• понеделник, 23 декември 2024

Чешкиот премиер спречи состанок со белоруските опозиционери на самитот на Вишеградската група во Лублин

Чешкиот премиер спречи состанок со белоруските опозиционери на самитот на Вишеградската група во Лублин
Прага/Варшава, 11 септември 2020 (МИА) - Премиерот на Чешка Андреј Бабиш спречи полскиот премиер Матеуш Моравјецки да ги покани како учесници и претставниците на белоруската опозиција на самитот на премиери на Вишеградската група, денеска во Лублин, со цел белорускиот претседател Александар Лукашенко да не го злоупотреби настанот за пропагандни цели.
- Ги отфрлам информациите дека сум ставил вето. Реков дека тоа не е добра идеја. А, синоќа разговарав со словачкиот и унгарскиот премиер, кои исто така рекоа дека не е добра идеја. Белорусија не обвинува за хибридна војна, за мешање во нејзините внатрешни работи. Убеден сум дека резултатот од таквата средба ќе биде само вода за воденицата на диктаторот Лукашенко, изјави чешкиот премиер Бабиш.
Тој рече дека сака агендата на Белорусија да ја стави на дневниот ред на Европскиот совет, на 24 и 25 септември, „бидејќи тоа е вистинското место за одредување на заедничката акција на Европската унија, а состанокот во Лублин би бил избрзан чекор“.
Лукашенко, од почетокот на протестите во Белорусија по претседателските избори, повеќепати ги обвини Полска и Чешка за организирање и финансирање на тие протести и истакна дека САД стојат зад сè.
Премиерите на Вишеградската група денеска во Лублин разговараат за пандемијата на Ковид-19 и соработката за нејзино сузбивање во регионот, а исто така ќе ги усогласат ставовите на таа неформална регионална група пред Европскиот совет на крајот на септември. паг/
       

Остани поврзан