Прекинато снабдувањето на Чешка со руска нафта преку нафтоводот „Дружба“
- Снабдувањето на Чешка со нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“ денеска беше прекинато од непознати причини, но снабдувањето на земјата со тој енергенс не е загрозено, бидејќи нафтата продолжува да пристигнува од запад, соопшти чешкиот оператор на нафтоводот, компанијата „Меро“.
Прага, 4 декември 2024 (МИА) - Снабдувањето на Чешка со нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“ денеска беше прекинато од непознати причини, но снабдувањето на земјата со тој енергенс не е загрозено, бидејќи нафтата продолжува да пристигнува од запад, соопшти чешкиот оператор на нафтоводот, компанијата „Меро“.
Портпаролката на компанијата изјави дека се истражуваат причините за прекинот на испораките преку нафтоводот „Дружба“ (Пријателство), пренесе Меѓународното радио Прага.
Минатата година Чешка преку тој нафтовод примила вкупно 58 отсто од нафтата што ја користела. Остатокот е набавен преку нафтоводот Инголштад-Кралупи на Влтава-Литвинов, кој е поврзан со Трансалпскиот нафтовод (ТАЛ), кој започнува во Трст.
Чешкиот министер за индустрија Лукас Вичек исто така на платформата Икс потврди дека „во моментов не тече нафта низ нафтоводот на компанијата“, но не наведе причини.
„Се чини дека донесовме добра одлука да инвестираме во зајакнување на ТАЛ, преку кој испораките се стабилни“, рече Вичек и додаде дека нема опасност компаниите и домаќинствата да останат без нафта. Чешка моментално инвестира во продолжување на нафтоводот ТАЛ преку кој ќе добива нафта преку пристаништето во Трст.
„Рафинериите во Чешка се добро подготвени за ваква ситуација и имаме стабилни државни залихи“, напиша Вичек.
Сепак, тој додаде дека Владата ќе реагира превентивно и дека веќе денеска ќе предложи да и се дозволат заеми на нафта од државните стоковни резерви на петрохемиската компанија Унипетрол, во северниот чешки град Литвинов, кои ќе бидат искористени доколку снабдувањето со руска нафта не биде продолжено. рп/
Фото: МИА архива