• петок, 22 ноември 2024

Четворица штипјани се искачија на библискиот врв „Арарат“

Четворица штипјани се искачија на библискиот врв „Арарат“

Штип, 8 септември 2023 (МИА) - Четворица планинари на  друштвото „Лисец“ –Штип го освоија врвот „Арарат“ во Турција, кој е на надморска височина од над 5.000 метри. Билјана Спаскова, Милорад Ангелов, Тоше Ристов и Трајче Алексов беа дел од експедицијата, кои се искачија на  библискиот врв. Спаскова, Ангелов и Трајчев  во прес-центарот на МИА во Штип ја раскажаа својата приказна, за оваа планинарска авантура.

Целта им била да освојат два врва „Арарат“ во Турција  и „Дамаванд“ во Иран, но какошто велат од оправдани причини на граница не успеале да влезат во Иран. Ангелов појаснува дека врвот „Арарат“ го искачиле со голема поддршка од најискусниот планинар во експедицијата Трајче Алексов.

Билјана, Трајче, Тоше и Милорад од Штип кон врвот „Арарат“ тргнаа со џип, за 17 дена поминаа 7.000 километри, патувајќи и минувајќи низ неколку земји. Инаку овој врв цели пет години бил затворен за искачување на планинарите. Секое освојување на врв, патување создава спомени за планинарите, но и за идните генерации. Спаскова е првата жена планинар од Штип, којашто го има освоено „Арарат“, за него вели дека тоа е изгаснат вулкан со висина од 5.137 метри.

-Претходно врвот бил со висина од 5.160 метри, но со растопување на снегот, на мразот сега се има намалено за некои 30 метри. Нашата експидиција беше планирана од јануари, а смислена беше претходната година. Така да имавме време да се подготвиме логистички, психички, физички и успешно ја остваривме замислената мисија, вели Спаскова.

Ангелов во разговорот во прес-центарот на МИА во Штип ја надополнува дека за нив ова е огромно планинарско искуство, а голема поддршка за сите храбро да се качат на врвот им давал најискусниот планинар Алексов.

-Тој има огромно, прекрасно планинарско искуство, за нас тројцата навистина беше мотор и со неговите совети и со неговите препораки, успеавме сите заедно храбро да се качиме на врвот. Качувањето се вршеше во неколку етапи и запознавме многу пријатeли. Прво одевме до градот кој е  близу „Арарат“, потоа се качивме на 2.200 метри, каде што имаше базен камп, имавме луѓе „шерпаси“, луѓе коишто ни ги носеа товарите. Затоа беше ангажирана една Агенција од Турција, таму претежно живеат Курди, во тој регион и се качивме на 3.200 каде што во базниот камп се одморивме, потоа се искачивме на 4.200 каде што требаше да правиме аклиматизација. Но, земајќи го предвид нашето искуство ноќта во 1 часот тргнавме кон врвот заедно со група од Бугарија, Босна и Херцеговина и после 6.30 и мачно качување, веќе на изгрејсонце бевме горе на врвот, вели Ангелов.

Планинарите Спаскова, Ангелов и  Ристов велат дека чувствата едноставно не можат да се опишат, кога некој врв ќе се искачи, солзите сами течат, а како што вели Ангелов на врвот си како да си на друга планета.

-Таму летаат авионите. Погледот беше неверојатен, дуваше силен ветар, темпеартурата беше -25 степени. Јас за моја среќа успеав да се задржам 45 минути на врвот, бидејќи имав сериозна планинарска опрема и токму тоа ми дозволи да уживам цели 45 минути на врвот и да запознаам пријатели од Австралија, Ерменија, од Грузија, вели Ангелов.

Штипските планинари забележуваат дека проблем се  лизгавите карпи, а се појавиле откако го освоиле врвот. Поради лизгавите карпи, тешко им одело симнувањето, односно потешко се движеле од врвот, па надолу  до базните кампови.

-По тие лизагви карпи, навистина требаше да се внимава како се симнуваш надолу, но успеавме и бевме среќни, радосни кога во базниот камп сите заедно се видовме, се прегрнавме, наздравивме за нашиот успех. Со ова сметам дека ДПС „Лисец“ и овој наш планинарски подвиг навистина е за респект и мотивација за сите кои сакаат да освојуваат врвови. Секој врв е можен, додава Ангелов.

Спаскова надполнува дека еден од предзвиците биле ниската температура и  ветрот, коишто не дозволувале да прават паузи и да земат здив. Таа потенцира дека на секое застанување за воздишка им влегува и студот во коски.

-Рацете ни беа замрзнати, да не речема и нозете, така да ете тие беа најголемите предизвици, со кои се соочивме. Инаку врвот „Арарат“ не е некој што е ризичен или технички захтевен врв, рече Спаскова.

Тоше Ристов, кој ја љуби планината смета дека биле одличен и сложен тим, кој знаел заеднички да функцира и да ги решава сите проблеми и тоа во од.

-Не се обасјнува, едноствано треба да се оди со нас. Точно е дека има тешки моменти, но кога си тим не и истиот начин на размислување. Потребно е и да се сака планината, а врвот „Арарат“ секако дека ќе го запаметам. Тргнав со нови гојзерици и ми направија проблем со петите. Меѓутоа благодарение на Биби ги бандажиравме и го искачив врвот, а исто така и ги скршив наочарите. Трајче Алексов на шега ми рече „ем сакат, ем ќорав“ го искачи врвот, вели Ристов.

Тие се закитија и со сертификати од Федерацијата за планинари на Турција. Сертификатите се  потврда дека го освоиле „Арарат“,  а кој како врв се споменува и во Библијата.

Приказната за Ное и неговата арка е поврзана со врвот „Арарат“. Штипските планинари велат дека фасцинанатната приказна за арката на Ное им била мотивација да се искачат на Голем Арарат, каде што највисоката точка е 5.137 метри. Според Библијата во „горите на Арарат„ застанала арката на пророкот Ное, откако стивнал светскиот потоп. Во Ноевата арка спасени се сите животни и човештвото. Оваа штипска четврока е децидна дека имале прекрасна авантура, а се побогати со нови пријатели, кои се  вљубени во планините.

-Прекрасно е чувството, кога како планинар имаш во својот џеб пет илјадарка, си освоил врв и си бил на височина, на којашто многу малку луѓе во светот имаат отидено таму, а особено чест е и па кога на самиот врв го вееш и македонското знаме, додава Ангелов.

Планинарството е скап спорт, една ваква експедиција бара и голема поддршка од семејството и планинарското друштво. Колку за илустрација само едни планинарски обувки „гојзерици“ чинат 1.000 евра, за да се искачи еден врв какшто е „Арарат“ еден планинар треба на себе да има опрема од над 5.000 евра.

-Потребна е поддршка од државата, видете Македонија и  како  нуди алтернативен туризам. Сметам дека планинарството е спорт исто како фудбалот. Македонија има прекрасни планини, ние имаме 80 врва, над 2.000 метри надморска височина и тоа е ретко, со кое една  земја може  да се пофали. Ова значи да се работи на планинарството, нашиот планинарски дом „Вртешка“ на планината Плачковица е прогласен за најдобрите домови не само во Македонија, туку и на Балканот и буквално може да се носи рамо до рамо со најдобрите планинарски домови, потенцира Ангелов.

Спаскова прва жена од Штип која го освои врвот „Арарат“

Планинарското друштво „Лисец“ има над 200 членови , од нив 140 се жени. Според оваа планинарска тројка женското планинарство во градот под Исарот реди успеси.

-Еве Билјана е првата жена која го качи „Арарат“, но не е само Билјана во нашето планинарско друштво постојат прекрасни дами, кои учествуваат во сите планинарски акции. Нивните планови се многу големи, вели Ангелов.

Спаскова за себе вели дека љубовта кон планината и искачување на висичините почнала спонатно. Таа е активен планинар веќе трета година или какошто вели тоа е од периодот за короната. Билјана  е и иницијаторот за освојување на „Арарат“.

-Членовите на експедицијата ме поддржа во идејата, се организиравме и ја остваривме мисијата успешно, вели Спаскова.

Според неа во планинарството нема жени и мажи, туку на планината важи правилото, дали можеш или не можеш.

-Односно дали те бива, или не. На врвот „Арарат“, според некоја статистика, сите кои тргнале да се искачуваат, од нив се имаат искачено само 67 отсто, што значи дека една третина од луѓето не успеваат да стигнат до врвот од различни причини, најчесто тоа е висинската болест, или некои други проблеми, коишто може да се јават, вели за МИА Спаскова.

Таа опишува дека заедно биле 22 планинари од повеќе земји, а до врвот сепак не успеале да стигнат шест планинари, меѓу нив имало и мажи и жени.

-Така да слободно можам да кажам дека поделба на мажи и жени не држи, како некое убедување дека еве или само мажи, или само жени можат да бидат успешни на висините, порача Спаскова.

Штипските планинари се едногласни и сонуваат  дека следниот врв кој ќе го искачат ќе биде висок 7.000 метри. Целта им  е врвот „Ленин“  помеѓу Таџикистан и Киргистан, каде што ќе го развеат македонското знаме. Сепак нивна планина и дом е Плачковица. За песните на птиците во пролет, обележаните патеки, , пештерите, тишината во зимо ќе раскажуваат во следна прилика, во репортажа за МИА. 

Викторија Димитрова-Јованова

Фото: МИА и тим на планинари на ДПС „Лисец“-Штип 

Остани поврзан