Циривири: Туристите и тур-операторите воодушвени од природното опкружување на земјава, но недостасува знаење адаптирано на современите трендови
- Претседателот на Македонската Асоцијација на интернационални водичи во планина –МАИВП, Константин Циривири истакна дека нема ниту еден турист или тур-оператор кој дошол во посета на земјава сите биле натпросечно задоволни.
Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Македонската Асоцијација на интернационални водичи во планина –МАИВП, Константин Циривири истакна дека нема ниту еден турист или тур-оператор кој дошол во посета на земјава сите биле натпросечно задоволни.
-Она што можеме да го кажеме ние како професионалци кои работиме на терен е тоа дека во принцип досега не се случило да имаме посетител независно дали е во улога на турист корисник на услугите или е тур-оператор кој дошол да го испитува просторот за да почне да организира туристички патувања тука, не се случило ниту еден да биде просечно задоволен. Сите биле натпросечно задоволни. Воодушевени се од природното опкружување, од релјефот, од големата просторност и питомост од друга страна на нашите планини, од гостољубивоста на луѓето, фантастичните климатски услови и неверојатното искуство со храната, рече Циривири на денешното јубилејно Генерално Собрание на UIMLA - Меѓународна унија на водичи во планина.
Циривири нагласи дека во земјава недостасува знаење адаптирано на современите трендови.
-Најмногу недостасува знаење кое што е адаптирано на современите трендови. Ние во нашата традиција ја имаме гостопримливоста. Мора да бидеме свесни дека туризмот, посебно авантуристичниот туризам е брзо движечки сектор. Работите се менуваат од ден во ден и неопходно е и нашите туристички професионалци да се менуваат во склад со тој чекор доколку сакаме на пазарот да понудиме атрактивни производи, функционални производи и на крајот туристите да си заминат задоволни од земјата, рече тој.
Циривири потенцира дека јубилејното Собрание ќе биде еден вид на апел до целата македонска јавност и чинителите во туризмот да веруваат дека можеме да бидеме сериозна, посакувана и компетентна дестинација и да придонесеме во целокупниот развој на земјата и нејзино позиционирање на вистински начин во светот.
Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска истакна дека се подготвува нова стратегија за туризмот каде се очекува да бидат внесени и алтернативните форми на туризмот.
-Ова значи голем настан и за Македонија и за развој на туризмот како форма. Во новата стратегија што треба да се прави секако дека ќе влезат и алтернативните форми на туризам и ќе бидат вклучени препораките на професионалци. Туристите секогаш се чувствуваат безбедно кога имаат водич кој што има интернационален беџ и се чувствуваат сигурно да патуваат и знаат дека ќе ги добијат истите стандарди каде и да се наоѓаат во било која европска држава, па така и во Македонија, рече Стефаноска. фф/нд/
Фото: МИА