Циклонот Борис усмрти едно лице во Полска, а во Чешка четворица се водат како исчезнати
- Едно лице загина во поплавите во јужниот дел на Полска, а во надојдената вода во источна и северна Чешка четири лица се водат како исчезнати. Илјадници луѓе во Полска и во Чешка се евакуирани поради поплавите предизвикани од циклонот Борис
Варшава, 15 септември 2024 (МИА) – Едно лице загина во поплавите во јужниот дел на Полска, а во надојдената вода во источна и северна Чешка четири лица се водат како исчезнати. Илјадници луѓе во Полска и во Чешка се евакуирани поради поплавите предизвикани од циклонот Борис.
- Првата жртва е потврдена, овде во областа Клод. Таму се евакуирани 1.600 луѓе, очекуваме дека ќе има уште многу евакуации. Во басенот Клод ситуацијата е најдраматична, изјави полскиот премиер Доналд Туск, кој од почетокот на поплавите ги посетува погодените подрачја.
Во Шлезија и Малополското војводство на југозапад и југ од Полска, во областа на границата со Чешка, планинските потоци и реки поради обилните врнежи се претворија во порои, а на некои места водата е веќе над насипите, додека вештачките езера во хидроцентралите се исто така полни.
Во градот Глухолази на границата со Чешка, каде почнаа поплавите и каде што водата ги проби заштитните насипи, градоначалникот Павел Шимкович утрово со драматична порака „Тонеме“ упати апел до сите да се евакуираат на повисоките места.
Полските пожарникари вчера со помош на армијата и територијалната одбрана 6.400 пати излегоа на терен за зајакнување на насипите, отстранување на паднатите дрвја и гранки кои го отежнуваат железничкиот сообраќај, кој е во прекин на 40 пруги. Додека од полноќ до утрово пожарникарите имале 2.300 интервенции.
Поради силниот ветер и поплавите голем број граѓани останаа без струја, а на места недостапен е и сигналот од мобилната телефонија.
- Донесовме одлука да почнеме да ја користиме сателитската комуникација преку Старлинк, но не треба да се надеваме дека секаде веднаш ќе се воспостави врска, изјави утрово Туск.
Во соседна Чешка вчера почна потрагата по четворица исчезнати, еден маж на југот на Моравија, кој надојдениот поток го однел пред неговата куќа, а три лица исчезнале откако автомобилот им паднал во реката.
Поради ветерот и надојдената вода 260.000 луѓе се без електрична енергија, а во Моравско-шлезискиот регион, источна Чешка, во 87 места нивото на водата го надмина третото највисоко ниво на тревога за поплави, додека на 118 места се на прво или второ ниво.
Моравско-шлезискиот регион и Оломуц вчера прогласија вонредна состојба. Досега околу 80 отсто од очекуваните врнежи што ги донесе циклонот Борис паднаа во Чешка.
Полските и чешките власти очекуваат помалку жртви и помала материјална штета, бидејќи изминатите години се инвестираа многу средства во инфраструктурата и мерките против поплави. ми/
фото: ЕПА