• понеделник, 23 декември 2024

Централната железничка станица во Брисел – центар на криминалот и дрогата

Централната железничка станица во Брисел – центар на криминалот и дрогата

Брисел, 26 август 2023 (МИА) - Околу 40 здруженија на станари од реонот околу Централната железничка станица во Брисел во белгиските медиуми објавија отворено писмо до политичарите, барајќи од нив да преземат мерки против тенденција на раст на криминалот и употребата на дроги во тој дел на главниот град на Белгија.

Писмото на загрижените жители на овој реон, следи откако минатат недела извршната директорка на белгиската железничка компанија СНЦБ, Софи Дутордоар упати апел за помош за справување со „драматичната ситуација“ на Централната железничка станица во Брисел.

Во писмо упатено до претседателот на Регионалната влада на Брисел, Руди Верворт, до белгиските федерални министри за внатрешни работи и за мобилност, Анелис Верлинден и Жорж Гилкине и до градоначалниците општините Сен Жил (во која се наоѓа станицата) и соседната Андерлехт, Жан Спинет и Фабрис Камп, Дутордоар бара да направат повеќе за решавање на проблемите на станицата, почнувајќи од хигиената, па до нејзината безбедност.

Според податоците што ги објави министерката Верлинден, во реонот околу Централната железничка станица во Брисел во текот на 2021 година полицијата регистрирала 3.320 кривични дела, најчесто кражби и изнуди, во 2020 - 3.447, во 2019 дури 4.205, а во 2018 – 2.815. За 2022 година податоците не се целосни, но во првите девет месеци се забележани 2.204 вакви кривични дела.

Според белгискиот дневен весник „Стандард“, само во областа околу централната бриселска станица се регистирна толкав број на кривични дела колку во реоните околу главните станици во 13 градови во Фландрија заедно.

Податоците на полицијата укажуваат и на раст на кривични дела поврзани со илегалната употреба на дроги во последните години. Така, во реонот околу Централната станица во Брисел во 2021 година се регистрирани 372 прекршоци поврзани со дрога, што претставува околу 10 проценти од вкупниот број такви прекршоци во цела Белгија во текот на годината. Во 2020 се пријавени 266 прекршоци повразни со злоупотреби на дроги, во 2019 – 172, а во 2018 - 67.

Покрај растот на употребата на кокаин и амфетамин во последните години, според податоците на локалниот центар за помош и згрижување на зависниците од дрога и алкохол „Транзит“, во Брисел најконзумирана супстанца во 2022 година од страна на корисниците на тешки дроги бил крекот, кој го користеле 67 отсто од испитаниците опфатени со истражувањето на центарот. 

Крек е дрога што се добива со комбинирање на кокаин во прав со сода бикарбона или амонијак и не само што полесно се конзумира од кокаинот, тука е и поевтин - едно „пакетче“ крек чини помеѓу 10 и 20 евра, што придонесе за негова зголемена популарност во последниве години.

Карим Х'Дидуан, кој две години работи како рецепционер во хотел покрај бриселската централна станица, вели дека во областа е видлив зголем број на дилери на дрога, насилство и кражби. 

- Во ниту еден момент не е безбедно, изјави Х'Дидуан за „Политико“, додавајќи дека дилерите на дрога кои „работат“ во областа често се обидуваат да резервираат соби во хотелот за да може да продаваат или да користат наркотици.

Тој посочува дека дури и ако повикаат полиција, полицајците доаѓаат по три или четири часа. - Се чувствуваме како да сме оставени сами, вели Х'Дидуан.

Неговиот колега од друг хотел во истиот реон, Мостафа Абделазим вели дека во последните пет години џепчии петпати му го украле паричникот.

- Тоа не е најдобрата слика за странските патници што пристигнуваат на станицата. Некои од нив кога ќе пристигнат (во хотелот) кажуваат дека некој ми ја украл чантата или дека биле нападнати, изјави Абделазим.

Преку ден, брислеската Централна станица, која е главниот железнички центар на Белгија за домашни и меѓународни патувања, изгледа доволно безбедна – полна со туристи кои брзаат да стигнат до своите возови, со локални жители кои одат до метрото или постројките за автобуси и трамваи и со трговците на мало кои продаваат се - од храна, преку украси, до фалсификати на скапи марки. Но, ноќе, како што сведочат локалните рецепционери, сликата драстично се менува -  обиени автомобилот, џепчиски кражби, украдени велосипеди, тепачки предизвикани од алкохолизирани или дрогирани лица...

Со цел да се справи со порастот на илегалната трговија со дрога и насилството поврзано со продажбата и конзумирање наркотици, белгиската Влада промовираше нов План за борба против насилството, кој вклучиува засилено полициско присуство во пристаништата и околу станиците, зголемена контрола на стоката што пристигнува во земјата, проверка на криминалните досиеја и финансиската состојба на сите пристанишни работници и зголемување на казните за корисниците на кокаин. Дополнително, Ине Ван Вимерш беше именувана за прв комесар за борба против дрогата, задолжена за справување со криминалот поврзан со наркотиците.

Покрај ова, во соработка со центарот „Транзит“ во близина на Централната железничка станица во Брисел беше отворено и прифатилиште каде зависниците можат безбедно да конзумираат дрога или да се консулираат за нивното здравје со медицински сестри и социјални работници.

Но, според Бруно Валкенерс од „Транзит“, „војната против дрогата“ едноставно не функционира, бидејќи забраната и криминализацијата на наркотиците не влијание врз степенот на достапност до нив.

- Корисниците на дроги секако не се одговорни за трговијата со наркотици, бидејќи тоа би значело оти побарувачката ја условува понудата. Но, тоа очигледно не е така, бидејќи дрогата се нуди во изобилство, а тоа ја условува побарувачката, вели Валкенерс.

Белгискиот пратеник од редовите на конзервативната Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Томас Рогеман, смета дека Владата се бори со последиците на проблемот, а не со неговите причини.

- Брисел има многу мека политика за дрогата. Потребен ни е построг став кон дрогата, треба да ги санкционираме и корисниците и шверцерите на наркотици, изјави Рогеман.

Но, случувањата околу Централната станица во Брисел не ја загрозуваат само безбедноста на вработените, туку и репутацијата на областа, што има влијае и врз бизнисот.

Салим Најани, менаџер на еден од хотелите покрај станицата, вели дека бројот на гости во хотелот во изминативе три години е намален за 25 отсто, како и дека многу туристи се жалат на безбедноста во областа и се решаваат да се сместуваат во објекти поблиску до центарот на градот.

Во таква атмосфера, претседателот на Владата на Регионот Брисел, Верворт најави дека следниот петок ќе се сретне со делегација на здруженијата на станари кои со отвореното писмо побараа справување со криминалот и дрогата во реонот на бриселската Централна железничка станица. сп/

Остани поврзан