• петок, 22 ноември 2024

Цената на нафтата блиску до 116 долари за барел

Цената на нафтата блиску до 116 долари за барел
Лондон, 22 март 2022 (МИА) - Цената на нафтата се стабилизира во вторник на меѓународните пазари блиску до 116 долари, балансирајќи помеѓу загриженоста за понудата поради преговорите во ЕУ за ембарго на руската нафта и посилниот долар што ја намали побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 13 центи на 115,75 долари. На американскиот пазар барел нафта се тргуваше за 11 центи поскапо, по 112,23 долари.
Трговците будно ги следат разговорите во ЕУ за воведување ембарго за увоз на руска нафта.
Прашањето за приклучување кон американското ембарго ги подели министрите за надворешни работи на ЕУ. Некои од нив, вклучително и Германија, предупредуваат дека Унијата не може да се справи со последиците од таквиот потег бидејќи е премногу зависна од руските фосилни горива.
Сè уште не е јасно дали ембаргото навистина ќе биде воведено, пишува во извештајот Карстен Фрич од Комерцбанк, потсетувајќи дека „таквата одлука бара едногласна поддршка“.
Ембаргото би значело помало снабдување со нафта, кое во меѓувреме е загрозено од напад на јеменските Хути врз саудиските постројки и производство на енергија.
Саудиска Арабија во понеделникот соопшти дека нема да биде одговорна за значително помалите резерви на нафта по нападот од јеменските бунтовници Хути, што сигнализира незадоволство од политиката на Вашингтон кон Јемен и Иран.
Тежината на цените даде и силниот американски долар, поддржан од навестувањето на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека американската монетарна политика може да се затегне поагресивно од очекуваното.
Силниот долар ја поскапува нафтата за купувачите во други валути, а резултат најчесто е послабата побарувачка.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) утринава објави дека барел нафта од нејзините членки во понеделникот изнесувал 113,84 долари, што значи дека поскапел за 4,72 долари во однос на претходниот ден.аа/

Тагови

Остани поврзан