• среда, 20 ноември 2024

Царината и БЈБ ќе ја засилат соработката во борба со организираниот криминал и за безбедност на граничните премини

Царината и БЈБ ќе ја засилат соработката во борба со организираниот криминал и за безбедност на граничните премини

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Директорот на Царинската управа Бобан Николовски остварил работна средба со директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев, на која ја потенцирале својата посветеност во заедничка борба со  организираниот криминал и корупцијата, како и за безбедност на граничните премини.

Како што соопшти Царинската управа, тоа ќе бидат главните постулати на соработката помеѓу Царинската управа и македонската полиција.

-На средбата беше договорено во периодот кој следува да се интензивира соработката на оперативно ниво со дефинирање контакт точки помеѓу двете служби со цел спроведување успешни заеднички акции. Истакната беше потребата од заеднички пристап во надградбата на електронските системи и размената на податоци помеѓу двете институции, како и можностите за системско поврзување на системот за видеонадзор и препознавање  регистарски таблички на граничните премини, што за цел ќе овозможи побрз проток на патници и стоки на границите, а воедно ќе овозможи поефикасни контроли и секако подобри резултати во откривачките функции на институциите, наведува Царинската управа. 

Директорот на БЈБ, Јанев, изразил подготвеност за размена на искуства, знаење и најдобри практики за успешно функционирање на неодамна формираниот сектор во Царинската управа за посебни истражни мерки.

-Двете служби ќе соработуваат за воспоставување системско решение за континуирано идентификување и спроведување заеднички обуки, кои ќе вклучат развој на превентивни мерки за намалување на криминалот, криумчарење и нелегална трговија, потенцирал Јанев.

Николовски истакнал дека ќе работат заедно на дефинирање на точките на заедничко делување, но и разграничување на надлежностите на двете служби.

-При што ќе се овозможи хомогено дејствување и подобри заеднички резултати во интерес на безбедноста на граѓаните и поддршка на легалната трговија, истакна директоротна Царинската управа. хс/дма/

Фото: Царинска управа 

Остани поврзан