• среда, 27 ноември 2024

ХК: Во декември зголемување на пријавите за говор на омраза за 130 отсто

ХК: Во декември зголемување на пријавите за говор на омраза за 130 отсто
Скопје, 25 јануари 2021 (МИА) – Хелсиншкиот комитет за човекови права во декември 2020 година, слично како и во текот на целата 2020 година, нотирал висок број случаи со говор на омраза на социјалните медиуми. Комитетот верификувал вкупно 110 пријави за декември 2020 година, што претставува зголемување за 130 отсто во споредба со истиот месец во 2019 година. -Говорот на омраза врз основ на етничка припадност повторно беше на врвот на пријавите, опфаќајќи 48 отсто од сите случаи регистрирани за тековниот месец. Истовремено, пријавите врз основ на политичка ориентација и сексуална ориентација и родов идентитет повторно забележаа подем во декември, со по 30 отсто од вкупниот број пријави, стои во извештајот. Најголем број од случаите во октомври, како што е посочено, се однесуваа повторно на пријави поврзани со говор на омраза врз основ на етничка припадност, што беше во постојан пораст од почетокот на глобалната пандемија. - Најголем пораст на вакви пријави беше забележан во периодот кога Владата на Северна Македонија обезбеди средства за поддршка на работата на Општина Арачиново, одлука која наиде на остри критики и дискусија во јавноста бидејќи ѝ се даде етничко-политички предзнак, велат од Хелсиншкиот комитет. Посочуваат дека внатрешните политички случувања доведоа до продлабочување на негативната реторика која честопати се заснова врз дезинформации и лажни вести без проверка на фактите за водење на понатамошна дискусија, како  што беше ситуацијата при објавувањето на предлог-концептот за реформа на дел од образовните процеси од страна на Министерството за образование и наука. -Една од главните причини за ширење на говор на омраза е немањето верификувани информации и ширењето дезинформации и лажни вести. Дополнителен фактор за ваквата состојба е непостапувањето по случаите на говор на омраза, особено од страна на Јавното обвинителство, стои во извештајот. Во овој извештаен период Хелсиншкиот комитет регистрирал 53 случаи на прекршување на работничките права на текстилните работнички и поднел  три барања за вонреден инспекциски надзор во текстилни фабрики. Во еден од случаите станува збор за неисплатени плати, а во два од случаите станува збор за непреземени превентивни мерки за заштита од КОВИД-19 на работните места, наведено е во Извештајот за човековите права за декември 2020 година на Хелсиншкиот комитет. За сите наведени случаи, Хелсиншкиот комитет иницирал постапки за вонреден инспекциски надзор пред Државниот инспекторат за труд. Дополнително, ХК во овој период обезбедил  27 правни советувања на текстилни работнички за остварување на правото на регрес за годишен одмор (К-15). -Текстилните работнички и понатаму остануваат една од најранливите категории граѓани чии работнички права се најподложни на прекршување за време на пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Декември е месец во кој се зголемуваат документираните случаи на прекршување на правото за исплата на регрес за годишен одмор, се наведува во извештајот на ХК. До Хелсиншкиот комитет се обратиле и неколку работнички од Велес, кои имаат деца до едногодишна возраст, бидејќи вршат прекувремена работа и работат ноќе, а дел од нив, кои имаат деца до тригодишна возраст, вршат работа ноќе со писмена согласност дадена под принуда. -Работничките кои се мајки на деца со возраст до три години се во работен однос кај работодавачот со склучени договори за вработување на определено време. Тие од страна на работодавачот биле уценувани дека доколку не потпишат писмена согласност со која се согласуваат да работат прекувремена и ноќна работа, нивните договори нема да бидат продолжени. Под страв дека ќе останат без средства за егзистенција во период на пандемија, работничките ги потпишале согласностите, стои во извештајот. Работодавачот, како што е велат од  ХК, знаел дека тие стравуваат да не го изгубат своето работно место и знаел дека со нивните потписи тешко би се докажало пред трудовиот инспекторат и обвинителството дека тие не се согласни да работат ноќна и прекувремена работа поради што ја злоупотребил нивната положба во своја корист, а на нивна огромна штета. Тој не само што ги принудил да работат на ваков начин на работа туку и не им ја исплатил ни прекувремената работа, за што се утврдени неправилности од страна на Државниот инспекторат за труд, по пријава од Хелсиншкиот комитет. Од ХК посочуваат дека Законот за работните односи предвидува посебна заштита за време на бременост и родителство во врска со ноќната и прекувремената работа и дека писмената согласност од страна на работничките мора да биде дадена слободно и своеволно без принуда и закана. Во извештајот е наведено дека во декември Хелсиншкиот комитет поднесел барање за спроведување вонреден инспекциски надзор врз работата на центрите за социјална работа во Струга и во Ресен. -Со барање за бесплатна правна помош, до Хелсиншкиот комитет се обрати 25-годишна мајка од Ресен, чие 15-месечно дете, добиено во вонбрачна заедница, останало да живее со таткото во Струга. Таа нè извести за недавањето заштита и за непрофесионалното постапување на Центрите за социјална работа во Струга и во Ресен, се вели во извештајот. дма/са/  

Остани поврзан