• четврток, 19 декември 2024

Хаџиу бара поддршка од меѓународниците за акциите на косовскиот север: Целта е заштита на суверенитетот

Хаџиу бара поддршка од меѓународниците за акциите на косовскиот север: Целта е заштита на суверенитетот

Приштина, 21 мај 2024 (МИА) – Министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу побара поддршка од меѓународниот фактор за акциите кои, според неа, се насочени кон проширување на суверенитетот и воспоставување ред и мир на северот на земјата, кој е населен со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.

По реакциите на меѓународниците по акциите во општините на косовскиот север – Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, каде што во понеделникот беа затворени шест подружници на српската „Банка Поштенска штедилница“, Хаџиу рече дека ваквите дејствија се во насока на заштита на територијалниот интегритет на државата.

Косовската министерка изјавата ја даде на одбележувањето на 25-годишнината од убиството на 120 и ранувањето на над 300 воени и политички затвореници во затворот Дубрава од страна на српските сили во последната војна во Косово, на настанот кој во Косово се одбележува како „Масакрот во Дубрава“.

Хаџиу пред медиумите изјави дека за зачувување на суверенитетот на целата територија на државата, потребна е посветеност и поддршка и од меѓународната заедница и воедно порача дека нема да се дозволат незаконски дејствија, за какво го смета дејствувањето на банката од Србија во општините со српско мнозинство во Косово.

-Ние секако внимателно го следевме сиот развој на настани што се случуваа како обид за пружање на суверенитетот и територијалниот интегритет на северот на земјата. Завчера имаше и институционална акција на одговорните институции со цел спроведување на законот и на регулативата од страна на ЦБК, рече Хаџиу.

Таа нагласи дека Владата ја поддржува секоја акција што е законска.

-Затоа верувам дека нашите пријатели и партнери, акциите што се во согласност со важечката легислатива, кои имаат за цел да го воспостават законот и редот на секој дел од територијата на Косово, треба да не поддржат и да ни помогнат во овој напор. Секако дека во континуитет имаме комуникации со нашите партнери и секако дека ние како Влада на Косово ќе бидеме посветени секој ден за на северот од нашата земја да има закон и ред, да дејствуваат законите на институциите, а не противзаконски дејствија, затоа што гледате дека тие никако нема да се толерираат, рече Хаџиу по завршувањето на комеморацијата во затворот Дубрава.

Акцијата на косовските институции за затворање на шест српски финансиски институции кои незаконски работеа на север беше остро критикувана од меѓународниците.

По акцијата, американскиот Стејт департмент го изрази своето разочарување од косовската влада, а и Европската унија жестоко реагира на операцијата на косовската полиција против филијалите на српската банка на северот на земјата, оценувајќи дека таа акција е доказ дека Владата на Албин Курти „повеќе им дава приоритет на едностраните и некоординирани акции отколку на соработката со пријателите и сојузниците“.

Акцијата на северот на Косово против српските финансиски институции беше спроведена по извештаите на институциите за финансиски мониторинг, како што се Управата за финансиско разузнавање и Централната банка.

Од официјален Белград ја нарекоа полициската акција како продолжение на напорите на официјална Приштина да им го отежне животот на Србите на север.

Според регулативата на ЦБК, која беше усвоена во февруари годинава, единствено средство за готовинско плаќање на територијата на цело Косово е еврото, односно се забранува користењето на српскиот динар. иа/мс/

Остани поврзан