Хаџиев: Азербејџан нема намера да преземе воена акција за создавање копнен коридор во Ерменија
- Азербејџан нема намера да преземе воена акција за создавање копнен коридор во јужна Ерменија, изјави советник за надворешна политика на азербејџанскиот претседател.
Баку, 27 септември 2023 (МИА) - Азербејџан нема намера да преземе воена акција за создавање копнен коридор во јужна Ерменија, изјави советникот за надворешна политика на азербејџанскиот претседател, Хикмет Хаџиев.
Како што пренесуваат странските агенции, воената операција на Азербејџан минатата недела за преземање на контролата врз ерменската енклава Нагорно-Карабах ги поттикна стравувањата кај Ерменците дека Баку би можел насилно да создаде коридор низ Ерменија до азербејџанската енклава Нахичеван.
Сепак, Хаџиев, советникот на Илхам Алиев, рече дека Баку не сака да создаде транспортни врски до Нахичеван преку Ерменија.
„Азербејџан нема никакви воени цели на суверената територија на Република Ерменија, тој е целосно надвор од азербејџанската агенда“, рече тој.
„Нашиот предлог до Ерменија е да изгради врски, транспортни линии на многу мирен начин“, рече Хаџиев во Брисел по разговорите со неговиот ерменски колега Армен Григорјан и европските претставници.
Хаџиев ова го изјави откако Алиев во понеделникот разговараше со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган и во таа прилика ја спомена можноста за создавање копнен коридор, со кој Азербејџан би добил директна врска со Турција.
На состанокот во Брисел, официјалните лица разговараа за можна средба меѓу Алиев и ерменскиот премиер Никола Пашинјан на европскиот самит во Гранада, Шпанија, на 5 октомври. паг/
Фото: Википедија