Хардаљас: Секојдневно требаше да се справиме со троцифрен број пожари
- Секојдневно требаше да се справиме со троцифрен број пожари, рече заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на денешната вонредна прес конференција за ситуацијата со пожа
Атина, 10 август 2021 (МИА) – Секојдневно требаше да се справиме со троцифрен број пожари, рече заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на денешната вонредна прес конференција за ситуацијата со пожарите и истакна дека од 1 до 8 август во земјата биле регистрирани 586 пожари, јави дописничката на МИА од Атина.
Хардаљас детално одговори на критиките дека не биле вклучени сите воздушните средства во гаснењето, но и дека не интервенирале навремено, објаснувајќи дека земјата има вкупно 73 средства, од кои 67 се за гаснење, а останатите за координација, меѓутоа 20 се во регионалните бази на различни локации во цела Грција и остануваат таму во случај да избувне пожар во близина на нивните бази.
Конкретно за Евија, објасни дека огромниот чад, намалената видливост, силните турбуленции и слично биле пречка да интервенираат авионите и паралелно покажа фотографија од островот со огромен облак од чад.
Истакна дека кога „фронтовите се неконтролирани, најважното прашање е да се спаси човечкиот живот“ и додаде дека секој загубен дом е трагедија и нож во срце.
Во однос на тоа дали зад пожарите постои организиран план на потпалување, рече дека не може да одговори за сите пожари, но според негова лична процена, пожарите во областа Илија на Пелопонез се подметнати.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку земјата беше подготвена за пожарите рече дека го зголемиле бројот на воздушни средства, „сè што не беше направено толку децении се направи за две години“ и додаде дека државниот механизам требаше да се справи со „најлошиот временски феномен во изминатите 40 години“.
За изјавите од опозициските партии кои бараат одговорност и оставка од него, заменик-министерот за цивилна заштита на Грција рече дека неговата оставка е во фиоката на премиерот и е прва од оставките на останатите членови на Владата, „бидејќи е повикан секојдневно да се бори и да носи тешки одлуки“ и додаде дека не сака да гради политичка кариера. ср/