• сабота, 26 октомври 2024

Делегација на Хамас пристигна во Египет за продолжување на преговорите за прекин на огнот во Газа

Делегација на Хамас пристигна во Египет за продолжување на преговорите за прекин на огнот во Газа

Каиро, 25 октомври 2024 (МИА) - Египетска безбедносна делегација се сретна со претставници на Хамас во Каиро како дел од напорите за продолжување на преговорите за прекин на огнот во Газа, јави денеска египетската државна телевизија, повикувајќи се на неименуван официјален извор.

Египет и Катар посредуваа меѓу Израел и Хамас во неколкумесечните разговори кои пропаднаа во август без договор за прекин на борбите што започнаа кога палестинската милитантна група го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври минатата година.

Телевизијата Ал Акса управувана од Хамас во четвртокот објави дека делегација на Хамас, предводена од главниот преговарач и заменик-шеф на групата за Газа Калил Ал-Хаја, пристигнала во Каиро на средба со шефот на разузнавачката агенција Хасан Махмуд Рашад.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот изјави дека ја поздравува подготвеноста на Египет да ги обнови разговорите за ослободување на заложниците во Појасот Газа.

Претходно истиот ден, највисоките дипломати од Катар и Вашингтон изјавија дека американските и израелските преговарачи ќе се соберат во Доха во наредните денови за да се обидат да ги обноват разговорите за прекин на огнот и за ослободување на заложниците во Газа. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан