• сабота, 16 ноември 2024

„Фронт 21/42“: Охридското Езеро дадено под концесија со риболовна основа што не ја заштитува рибата како што бара УНЕСКО

„Фронт 21/42“: Охридското Езеро дадено под концесија со риболовна основа што не ја заштитува рибата како што бара УНЕСКО

Охрид, 13 март 2023 (МИА) – Еколошкото граѓанско здружение „Фронт 21/42“ преку објава на социјалните мрежи посочува дека во Извештајот доставен до УНЕСКО државата наведува грижа за рибниот фонд на Охридското Езеро, а истовремено ревирот се издава на концесија без соодветна риболовна основа со која би се забранувал риболов, како што стои во препораките од Комитетот за заштита на ОН.

Од „Фронт 21/42“ појаснуваат дека во Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион усвоен од Владата во ноември минатата година и доставен до УНЕСКО, содржи нацрт-риболовна основа за Охридското Езеро и неговиот слив, која не предвидува забрана за ловење на Охридска пастрмка, белвица и јагула.

Според здружението, риболовната основа се изработува пред да се усвои Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, што ќе дефинира различни заштитни зони и дозволени активности во секоја од нив, вклучувајќи го и риболовот.

- И покрај тоа што законот налага концесиите да бидат во согласност со риболовните основи, за Охридското Езеро се објави јавен повик и се одбра концесионер за риболов пред да се усвои риболовна основа, истакнуваат од „Фронт 21/42“.

Односното прашање во Извештајот до УНЕСКО е претставено како „имплементација на препораката 12 од Реактивната мониторинг мисија од 2017 година“, реагираат од „Фронт 21/42“.

Независно противењето на екологистите и риболовните здруженија, ревирот на Охридското Езеро по пат на јавно наддавање е доделен на стопанисување на струшка фирма, на времетраење од шест години. аб/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан