• петок, 22 ноември 2024

Франција планира годинава да и донира на УНРВА 30 милиони евра ако агенцијата работи неутрално

Франција планира годинава да и донира на УНРВА 30 милиони евра ако агенцијата работи неутрално

Париз, 28 март 2024 (МИА) - Франција планира годинава да испрати 30 милиони евра на агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) под услов неутрално да ја исполнува својата мисија.

„Ќе ги платиме нашите придонеси кога ќе бидеме убедени дека се исполнети условите УНРВА да ја изврши својата мисија во дух лишен од повици за омраза и насилство“, изјави денеска портпаролот на француската дипломатија, Кристоф Лемоан.

Франција лани испрати 60 милиони евра за таа агенција.

Лемоан не кажа каков ќе биде распоредот за плаќање, кој обично е квартален, со оглед на тоа дека во тек е интерна истрага во УНРВА.

Агенцијата на ОН е во центарот на контроверзноста откако Израел обвини 12 од нејзините 30.000 вработени за учество во нападот на палестинската исламистичка група Хамас на 7 октомври, во кој беа убиени 1.160 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили.

- Отсекогаш зборувавме дека УНРВА одигра клучна улога во Газа и во регионот и дека е императив да може да ја продолжи својата работа таму, рече Лемоан.

Тој потсети дека Франција „многу позитивно ја поздрави изјавата на генералниот секретар на ОН (Антонио Гутереш) кој рече дека е решен да ги спроведе потребните реформи, така што УНРВА навистина ќе ги почитува принципите на ОН и хуманитарните принципи на независност, неутралност и непристрасност, кои се неопходни за нејзино функционирање“.

Независниот комитет одговорен за проценка на неутралноста на УНРВА во својот привремен извештај ги идентификуваше „критичните области“ каде што е потребна дополнителна работа, објавија ОН на 20 март.

Конечниот извештај се очекува до 20 април. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан