• понеделник, 23 декември 2024

Фон дер Лајен: Се соочуваме со големи предизвици кои не засегаат сите и бараат наша соработка 

Фон дер Лајен: Се соочуваме со големи предизвици кои не засегаат сите и бараат наша соработка 

Брисел, 25 октомври 2023 (МИА) - Пред 18 дена грозоморниот терористички напад на Хамас врз Израел предизвика уште поголем конфликт и страдање во регионот, русија води империјалистичка агресивна војна против нејзиниот помал демократски сосед Украина, ние сме во климатска криза и се уште се опоравуваме од Ковид пандемијата која уништи животи, средства за живот и трговијата, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во воведното обраќање на Форумот „Глобална порта“ во Брисел. 

- Тоа се големи предизвици кои не засегаат сите нас и бараат наша соработка. Судбината на сегашните и идните генерации зависи, повеќе од кога било досега, од квалитетот и квантитетот на инфраструктурата што не поврзува сите нас. Инвестиции во прифатлива, чиста енергија. Инвестиции во дигитална инфраструктура. Инвестиции за подобро обучување на нашите работници со вештини кои одговараат на работните места за во иднина, истакна Фон дер Лајен во обраќањето пред претставниците на земји членки и партнери на ЕУ, на меѓународни организации, граѓанското општество, приватниот сектор и финансиски институции присутни на Форумот. 

Од тие причини, според неа, ЕУ ја предложи најголемата глобална инвестициска програма во Европа досега наречена „Глобална порта“, која опфаќа 300 милијарди евра за финансирање и изградба на еколошки чиста инфраструктура. 

- Глобалната порта има можност да направи разлика. Исто толку важно, Глобалната порта поставува нов пристап кон големите инфраструктурни проекти. За нас е важно што Глобалната порта е им дава избор на земјите – подобар избори, бидејќи за многу држави ширум светот, можностите за инвестирање не само што се ограничени, туку се многу мали и понекогаш и со многу висока цена, рече претседателката на ЕК. 

Според неа, таа висока цена понекогаш ја плаќаат работниците, кои се лишени од нивните права, а во некои случаи таа го загрозува националниот суверенитет на државите.  

- Ниту една земја не треба да се соочи со ситуација во која единствената опција за финансирање на нејзината основна инфраструктура е да ја продаде својата иднина, потенцира Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека ЕУ има јасен стратешки интерес за здружување на силите за надминување на глобалните предизвици.  

- А има глобални предизвици. Вирусот не познава граници. Климатските промени не познаваат граници. Истото важи и за влијанието на тероризмот и војната. Знаеме дека нашата безбедност е изградена на вашата безбедност и обратно. Нашата конкурентност се зголемува кога вашите економии растат и просперираат. Нашата издржливост е посилна кога вие, нашите пријатели, сте исто така поиздржливи. Тогаш сите ќе победиме. Затоа Европа избра да соработува поблиску со нашите партнери. И две години откако ја лансиравме „Глобалната порта“, ги гледаме позитивните резултати, истакна Фон дер Лајен. 

Како успешни приказни од програмата таа ги посочи изградбата на првиот капацитет за производство на вакцини против ковид, маларија, туберкулоза и ХИВ во Африка, како заеднички проект на ЕУ, Гана, Руанда, Сенегал и Јужна Африка, потоа отворањето фабрика за вакцини против грип во Мексико, проектите за производство на соларна, еолска и хидро енергија во Бангладеш и Виетнам, поставувањето интернет кабли со оптички влакна под Црното Море до Грузија и Централна Азија и поврзувањето на железничките и електричните мрежи на Западниот Балкан, Молдавија и Украина, за нивно доближиме единствениот европски пазар.  

- Од лансирањето на Глобалната порта во 2021 година, Европската Унија веќе има одвои 66 милијарди евра за трансформативни проекти. Речиси половина од ова се грантови кои не мора да се враќаат. И ова е само од нашиот буџет на ЕУ. Има уште многу да се направи, но веќе денес можеме да кажеме дека Глобалната порта дава резултати, заклучи Фон дер Лајен. 

Таа се осврна и на климатските промени, кои, како што рече, предизвикуваат огромна нестабилност и страдање, но нудат и економски можности.  

- Затоа, чистата технологија и чистата енергија станаа приоритет на инвестициите на Глобалната порта. Се повеќе економии во развој се приклучуваат кон трката за чиста енергија, многу ми е драго поради ова. Тие сакаат да ја развиваат својата економија додека ги штитат белите дробови на светот. Тие имаат огромен потенцијал да го направат тоа: обновлива енергија и чист водород, критични суровини, богат биодиверзитет и млада работна сила. Така, економиите во развој можат да бидат клучен дел од решението за климатските промени. И ние Европејците можеме да ги диверзифицираме и зајакнеме нашите синџири на снабдување на тие растечки, динамични нови пазари. Тоа е причината зошто инвестициите на Глобалната порта функционираат: тие се водени од побарувачката и тие се вин-вин решение за сите вклучени партнери, додаде претседателката на ЕК. 

Таа најави поддршка за изградба на стратешки економски коридори за поврзување на африканските брегови на Атлантскиот и Индискиот Океан, како и проекти во Колумбија, Мавританија и Казахстан 

- Замислете само чист челик и бетон или чисти ѓубрива и хемикалии, чисти возови и бродови. Светот тоа го бара. Така ние заедно, ако го правиме тоа правилно и ако работиме напорно, можеме да станеме глобални лидери во чистите индустрии на иднината, истакна Фон дер Лајен. 

Сепак, според неа, во реализацијата на сите овие проекти, клучна улога мора да има приватниот сектор за подобрувањето на брзината, обемот и влијанието на инвестициите на Глобалната порта. 

- Ни треба приватниот сектор. Затоа блиската соработка со бизнисот е еден многу важен столб на Глобалната порта. Ја мобилизираме финансиската моќ на водечките европски компании. Магијата е во оваа јавно-приватна тимска работа за да можеме да обезбедиме долгорочна предвидливост што им е потребна на приватните инвеститори за да започнат амбициозни проекти. Решени сме да ја надминеме секоја пречка што ни е на патот. Ние можеме да го направиме тоа заедно. Ако ги здружиме силите, можеме да поместиме планини и да успееме. И затоа, вашиот придонес и совет се многу важни за нас, нагласи Фон дер Лајен во обраќањето. 

На Форумот учествува и македонска делегација предводена од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој престојот во Брисел го искористи и за повеќе средби со претставници на Европската комисија со кои разговараше за процесот на пристапните преговори на земјава во ЕУ. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан