• петок, 22 ноември 2024

ФИФА размислува да ги намали тимовите во топ лигите за да го зачува форматот на Светското клупско првенство

ФИФА размислува да ги намали тимовите во топ лигите за да го зачува форматот на Светското клупско првенство

Цирих, 1 јуни 2024 (МИА) - ФИФА размислува да наметне ново правило и да го намали бројот на тимови во светските елитни лиги на 18 екипи, а со тоа да им го олесни обемот на работа на фудбалерите, пишува весникот „Сан“.

Но, со оваа идеја од светската фудбалска централа сакаат да го намалат се` поголемото незадоволство од се` поголемиот обем на работа во фудбалот, но и од себичната цел да се зачува веќе најавениот нов формат на Светското клупско првенство со 32 репрезентации, кој треба да започне следното лето, според англиското издание.

Токму овој нов турнир стана „јаболко на раздорот“ во последните денови, а претставниците од Премиер лигата, Ла Лига и синдикатите на играчи повикаа на некаква промена, а исто така се заканија и со бојкот доколку не се послуша нивната загриженост.

-Сите ние мислиме дека на крајот целта на ФИФА е да ги натера лигите да го намалат бројот на тимови на 18. Така, од 38 натпревари во лигата играчите ќе паднат на 34. Големиот притисок на домашната сцена и лигите треба да доведе до тоа да ги намалат своите состави од 20 на 18. Ова ќе има влијание врз играчите кои играат на меѓународно ниво, изјавил извор на „Сан“.

Ваквата одлука на светската фудбалска централа може да има исклучително сериозно влијание, особено на најголемите европски лиги како Ла Лига и Премиер лигата, каде во елитните дивизии има уште 20 екипи, а бројот на натпревари директно влијае на парите од телевизиските права. Во италијанската Серија „А“, неколку пати претставници на водечките екипи веќе изразија желба за ваква корекција и намалување на тимовите. дс

Фото: Архива

Остани поврзан