• понеделник, 23 декември 2024

ФИТР објави јавен повик за кофинансирани грантови за забрзан економски раст

ФИТР објави јавен повик за кофинансирани грантови за забрзан економски раст
Скопје, 10 мај 2022 (МИА) - Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави првиот јавен повик за оваа година, со кој вкупно шест милиони евра се ставаат на располагање за поддршка на домашните компании, преку јавниот повик за кофинансирани грантови на микро, малите и средни компании за технолошки развој и забрзан економски раст. Како што информираат од ФИТР, целта на овој јавен повик е да се поддржат домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација. - Во однос на тоа какви активности поддржуваме со овој јавен повик, листата не е ограничувачка и истата е достапна на веб страната на Фондот. Дел од нив се: набавка и воведување на нови, иновативни, напредни, зелени и дигитални технологии за трансформација на производствените и деловни процеси, развој и воведување на нови поеколошки процеси и стандарди за производство и работа, подобрување на продуктивноста и ефикасноста на производствените и/или деловни процеси, наведено е во соопштението. Информираат дека досега Фондот има поддржано преку 800 проекти со вкупен обем на преку 100 милиони евра заеднички инвестиции. - Но, Фондот не застанува тука, ние продолжуваме активно да работиме во насока на создавање на поволни услови за развој на успешни претприемачки приказни кои ќе бидат вистински пример и гордост на нашата земја, истакнува директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили. Од вкупниот буџет, кој е достапен за овој повик, микро компаниите може да аплицираат за поддршка до 2,5 милиони денари, а малите до 5 милиони денари, односно до 70 проценти од вкупната вредност на буџетот за инвестициски проекти. Средните компании може да добијат поддршка до 10 милиони денари или до 60 отсто од вредноста на проектот. Како подобни трошоци ќе се сметаат бруто платите за вработените лица, трошоци за техничка поддршка, истражување, развој, дигитализација, набавка и изнајмување на опрема, софтвер, ИКТ алатки или суровини, но и за трошоци поврзани со спроведување на планот за технолошки развој на компанијата. Како што информираат оттаму, повратот на финансиската поддршка доделена од страна на Фондот се врши по стапка од 7,5 проценти од оперативната добивка на корисникот, до остварување на поврат на 105 отсто од износот исплатен од страна на Фондот или за период од 5 години по завршувањето на проектот, во зависност од тоа кој услов е прв остварен. Дел од условите кои треба да ги исполни апликантот се: апликантот да не е поврзан со друго претпријатие или приватна здравствена установа чии годишни приходи надминуваат 10 милиони евра и просечен број на вработени да не надминува 250 од претходните фискални години, да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиските институции, заклучно со месец Февруари 2020 година и да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за истиот проект да нема добиено финансиска помош од друга државна институција. При евалуација на проектите, најголем број на поени носи критериумот влијание врз економскиот развој, потоа технолошкиот напредок и степен на дигитализација и квалитетот на проектот и капацитетот на проектниот тим ќе бидат оценувани со по 10 поени од вкупната оценка. Предност при оценувањето на проектите ќе имаат компании кои имаат жени управители и/или сопственички, проекти од помалку развиени региони и компании кои во проектниот тим имаат вклучено најмалку еден доцент, универзитетски вонреден или редовен професор и/или докторант кој ќе биде вклучен во проектот. Јавниот повик за кофинансирани грантови на микро малите и средни компании за технолошки развој за забрзан економски раст е отворен до 15.06.2022 година. свс/сп/

Остани поврзан