• петок, 19 јули 2024

Филипче очекува постапките за вработување специјализанти да почнат кон крајот на јануари или почетокот на февруари

Филипче очекува постапките за вработување специјализанти да почнат кон крајот на јануари или почетокот на февруари
Скопје, 8 јануари 2021 (МИА) - Министерот за здравство Венко Филипче очекува постапките за вработувањето на специјализанти да почнат на крајот на јануари или почетокт на февруари. Изработен е план, врз основа на тоа какви се профили на специјализанти има и какви се потребите на јавните здравствени установи. - Финансиски средства за вработување специјализанти се обезбедени за цела 2021 година. Тоа е процес кој ќе трае подолго, неколку месеци и нема да биде наеднаш се, заради тоа што станува збор за вработување во сите јавни здравствени установи ширум земјата. Тоа што направивме, е проценка колку специјализанти има и од која специјалност, по што е направен предлог план врз основа на кој следната недела ќе имаме состаноци за да го потврдиме и со специјализантите и со директорите на јавно здравствените установи врз основа на потребата. Значи секој да знае каде ќе му биде работното место, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Клиниката за гинекологија и акушество во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Верувам, рече министерот за здравство, дека по овие координативни состаноци, по повторното одобрување од страна на Министеството за финансии, бидејќи е нова буџетска година, во јануари и февруари ќе започнат тие постапки. - Но, она што е битно е дека имаме јасен план, но и прилично отворен и транспарентен однос со специјализантите, секој да ја каже желбата каде сака да работи, но и ние да ја кажеме потребата и со еден консензус секој да си го најде работното место, рече министерот Филипче. Прашан за тоа кој кадар ќе работи во модуларните ковид болници кои се отвораат во градовите во земјава, министерот истакна дека тоа ќе бидат истите лекари кои веќе работат во болниците со ковид-пациенти. - Станува збор за лекари кои и сега во јавно-здравствените установи работат со ковид-пациенти. Целта на модуларните болници е основните болници да бидат целосно чисти. Тоа значи модуларните да бидат на некој начин инфективни одделенија. Истиот персонал нема да работи физички во болницата, туку во модуларната болница која е инсталирана веднаш во дворот и ќе биде целосно изолирано одделение, рече министерот за здравство, додавајќи оти не стравуваат за потребниот персонал бидејќи јавно-здравствените установи имаат концепт кој и како ќе работи таму. сст/сп/

Остани поврзан