Филиповски: Со намалување на проблемот со паркирање до почист Аеродром
- Преку изведба на три подземни монтажни катни гаражи, ќе го намалиме проблемот со паркирање. Исто така, во комуникација со засегнатите граѓани, ќе воспоставиме соработка со ЈП „Градски паркинг
Скопје, 1 октомври 2021 (МИА) - Преку изведба на три подземни монтажни катни гаражи, ќе го намалиме проблемот со паркирање. Исто така, во комуникација со засегнатите граѓани, ќе воспоставиме соработка со ЈП „Градски паркинг“, за да воведеме зонско паркирање. Паркирањето за граѓаните – резиденти ќе биде бесплатно за до три нивни возила, истакна Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром.
На вечерашната маалска средба со граѓани позади „Три бисери“, Филиповски истакна дека општината ќе направи целосна реорганизација на комуналните служби, и, како што кажа, на тој начин ќе има позелени и почисти маалски паркови. Посочи дека е планирано засадување на 5 000 висококвалитетни дрвја, со што значително ќе се зголеми зелениот фонд на општина Аеродром.
- Среќен сум што во овие пет денови од кампањата ја покажавме главната разллика меѓу нас и ВМРО – ДПМНЕ. Ветуваме реални и остварливи проекти, а не „брда и долини“. Се обврзувам на чесна работа и постојана двонасочна комуникација, рече Филиповски.
На крајот од своето обраќање тој посочи дека ќе продолжи со позитивниот пристап во кампањата и со презентација на реалните проекти за подобрување на животот во граѓаните. ар/лв/