• понеделник, 23 декември 2024

Физичка активност на работно место за здраво работоспособно население

Физичка активност на работно место за здраво работоспособно население
Скопје, 6 ноември 2022 (МИА) – Паркирајте подалеку од вашето работно место, станувајте за да се напиете вода, излегувајте на пауза за ручек, организирајте активни состаноци – шетајте и разговарајте, почесто станувајте од столчето кога работите и издвојте време за кратки вежби во текот на работниот ден, се само дел од препораките - како да се биде физички активен на работното место. Доброупатените велат дека зголемувањето на физичката активност е општествен, а не индивидуален проблем, и тој бара мулти-секторски, односно мулти-дисциплинарен пристап. Д-р спец. Драгана Бислимовска од Институт за медицина на трудот вели дека во земјава сè уште не постои посебна стратегија или програма за физичката активност на работното место, а координативната улога во промовирање на бенефитите за редовна физичка активност врз работоспособното население ја остварува Министерството за здравство. - Националната стратегија за превенција и контрола на незаразни болести од 2009 година и Националната годишна програма за јавно здравје на Република Северна Македонија за 2022 година се главните стратешки документи, кои ја опфаќаат промоцијата на физичка активност и кај работоспособното население. Важно е да се напомене дека во Законот за спорт, работоспособното население не е вметнато како една од приоритетните категории за промоција на физичка активност, а, исто така, и во Законот за безбедност и здравје при работа, не се спомнува физичката активност на работно место како концепт за превенција на здравјето на работникот на работното место, ниту важноста од аплицирање на активни паузи во текот на работното време, вели таа. На ниво на Европа, како што појаснува, поттикнато од Глобалниот акциски план за превенција и контрола на незаразни болести 2013-2020, Светската здравствена организација ја развива Стратегијата за физичка активност на СЗО за Европскиот регион 2016-2025. - Оваа стратегија се фокусира на улогата на физичката активност како водечки фактор за здравје и благосостојба во Европскиот регион, каде како Приоритет број 3 се издвојува промоцијата на физичката активност кај возрасното население, како дел од нивниот секојдневен живот, вклучително и на работното место, појаснува Бислимовска. Како една од првите посериозни иницијативи за примена на активна промоција на физичката активност кај работоспособното население кај нас го издвојува организирањето на посета на СЗО мисија за пронаоѓање факти за поддршка на промоција на физичка активност во Република Северна Македонија, во периодот од 19-22 февруари 2019 година. - Во рамките на извештајот, кој беше изготвен на крајот од нивната посета се укажа на важноста од промовирање на физичка активност за сите возрасти како дел од секојдневниот живот, вклучително и за време на транспортот, слободното време, на работното место и преку системот за здравствена заштита. Како главни цели за идна имплементација, кои директно се однесуваат на работоспособното население на територијата на нашата држава, се издвојуваат намалувањето на автомобилскиот сообраќај и зголемување на соодветноста за пешачење и возење велосипед, како и обезбедување можности и советување за физичка активност на работното место, преку подигање на свеста за физичката активност на работното место и имплементирање на примери за добра практика во поединечни институции како што е Факултетот за физичка култура, спорт и здравје на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, но, и развој на стратегии, политики и активности поврзани со промоција на физичката активност на работно место, наведува таа. Бислимовска дополнува дека работната група предводена од Канцеларијата на претседателот на Владата, во која биле вклучени претставници од повеќе сектори, изработила едногодишна национална програма – Програма за физички активна нација, меѓутоа, како што вели, иако подготвената програма начелно добила поддршка од раководството на Министерството за здравство, сепак, истата не била проектирана во буџетот за 2022 година и оттаму не можела да се реализира. - Годинава, со поддршка на СЗО Канцеларијата во нашата земја, беше покрената иницијатива за унапредување на физичката активност на работното место, во соработка со претставници од Министерството за здравство, Факултетот за физичко образование спорт и здравје и Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, во рамките на која во периодот јуни/јули 2022, се подготви истражување, односно, комплексна анализа на податоци од научна и стручна литература, актуелни легислативи, регулативни акти, објавени политики, стратегии, програми, водичи, извештаи, изработен од страна на експертскиот тим на Институтот за медицина на трудот на Република Северна Македонија, СЗО Колаборативен центар, преку кој се овозможи преглед на моменталната состојба во земјите од ЕУ и кај нас, со што се постави одлична основа за идентификација на потенцијалните проблеми и недостатоци, но и конкретни насоки за идни активности и можни чекори за делување, вели Бислимовска. Од анализта произлегле пораки кои имаат за цел да ја подигнат свесноста за физичката активност на работно место и тие се насочени кон различни фокус групи, работниците кои имаат седентарен вид на работа и нивните работодавачи, како и кон креаторите на политики на национално ниво со цел поголема поддршка за развој на нови и евентуално субвенционирање на постојни програми. Истите беа презентирани на Националниот состанок за унапредување на физичката активност на работното место. Мултисекторскиот пристап неопходен за унапредувањето на физичката активност Сања Саздовска, државен советник – контакт лице за физичка активност од Министерството за здравство за СЗО, вели дека во моментов, преку мултисекторски пристап се фокусирани на унапредување на физичката активност и веќе се подготвени препораки до работодавачите и креаторите на политики во однос на усвојување на иницијативи за активни работни места. - Во рамки на програмата „Унапредување на физичката активност на работно место“, експертскиот тим подготви препораки за физичка активност на работно место. Тие се таргетирани кон креаторите на политики, работодавците и работниците. Продолжуваме да ги следиме добрите практики и светски искуства, но, како приоритетна цел најпрво си ја поставуваме целта заеднички да работиме на подигнување на свесноста за важноста на физичката активност, затоа што на овој начин, во значителна мера може да влијаеме во превенција на низа заболувања, вели Саздовска. Според Силвија Митевска, извршна директорка на Здружение за спорт (Sport Social Solutions), дел од препораките кои можат да бидат иницирани и имплементирани од страна на надлежните национални институции се однесуваат на спроведување на истражувања и подготовка на сеопфатна национална стратегија за активен транспорт (велосипедизам, пешачење) која ќе вклучува делови наменети за активен транспорт до и од работно место, предвидени законски измени со цел воспоставување и зајакнување на структури за унапредување на здравјето на работниците, вклучително и промовирање на физички активни работни места, како и обезбедување на финансиски ресурси и поддршка за компаниите и институциите кои го развиваат и поддржуваат концептот за активен транспорт до работно место. Таа споделува дека пораките кон работодавачите најмногу се однесуваат кон креирање на организациска култура која ја промовира благосостојбата и продуктивноста на вработените, односно интегрирана физичка активност при политиките и на ниво на претпријатието/институцијата. - Подетално ова се однесува на организација на активни настани. Понатаму, активни работни паузи или активни интерни работни состаноци кои наместо традиционалните состаноци на кои сите седат со часови, истите можат да се заменат со прошетки низ градски паркови. Во овој дел има многу иницијативи и добри практики кои се имплементирани од различен профил на  работодавачи ширум земјите во Европската Унија. Потоа, креирање на политики за активен транспорт до и од работното место претставуваат важен дел од холистичкиот пристап на работодавачите кон овозможување на безбедна и активна работна средина за своите вработени, набројува Митевска. Придобивките од физичка активност се многубројни Недоволната физичка активност е еден од водечките фактори на ризик за смрт во светот. Околу 3,2 милиони смртни случаи во светот се поврзуваат како индиректна последица од физичка неактивност. На глобално ниво, од четворица возрасни, еден е физички неактивен. Луѓе кои се недоволно активни имаат 20 до 30 проценти поголем ризик од смрт во споредба со луѓето кои се доволно активни. Саздовска вели дека согласно направените проценки во 2019 година населението загубило 5 000 години живот поради „седечкиот“ начин на живеење. Статистиката глобално покажува дека над 80 проценти од адолесцентната популација во светот се недоволно физички активни, а состојбата во нашата држава, исто така, е во овие рамки. Митевска вели дека придобивките од физичка активност се многубројни и се однесуваат на подобрување на физичкото и менталното здравје. - Физичката активност на работното место за самите работници овозможува подобрување на кондицијата и здравјето, но и продуктивноста и моралот, унапредување на тимскиот дух и задоволството од работата, намалување на стресот и подобрување на концентрацијата и менталната острина, вели таа. На ниво на работната организација како придобивки Митевска ги набројува намалување на појавата на апсентизам и промена на персоналот, подобрување на продуктивноста, мотивацијата и моралот кај персоналот, зголемување на ефикасноста во работната организација во целина, одобрување на корпоративниот имиџ/лојалност, како и на односите меѓу менаџментот и персоналот. На национално ниво, според неа, поголем број на активни граѓани значи поздрава нација и намален финансиски трошок на здравството. - Вложувањето во промоција и учество во спортско-рекреативни активности не е трошок туку инвестиција во заштита и унапредување на јавното здравје и продуктивна иднина, вели Митевска. Имајќи превид дека еден од главните предизвици за намалена физичка активност е недоволно слободно време, важно е да се биде активен низ текот на целиот ден. Најголемиот дел од работоспособното население своето време го поминува на работното место, и токму затоа треба да се изнајде начин да се биде активен и за време на работните часови, особено за работниците кои имаат седентарна професија. Ангела Рајчевска 

Остани поврзан