• недела, 05 јануари 2025

Фетаху: Нашиот македонски јазик и традициите е она што нè прави силни и обединети како Македонци

Фетаху: Нашиот македонски јазик и традициите е она што нè прави силни и обединети како Македонци

Дебар, 3 декември 2024 (МИА) - Основачот и почесен претседател на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), проф. д-р Кимет Фетаху, во честитка по повод Новата 2025 година, на Македонците во Албанија им посака здравје, среќа и успех во нивните семејства и заедници, со порака за обединување.

- Нашиот македонски јазик, традициите, песните, фолклорот и обичаите е она што нè прави силни и обединети како Македонци. Иако условите за политичко делување никогаш не биле лесни, ние покажавме дека и во најтешките моменти можеме да опстоиме и да се избориме за своето место во албанското општество, стои во честитката.

Додава дека изминативе три децении, откако падна тоталитарниот режим во Албанија, Македонците од Преспа до Голо Брдо, Гора и Врбник, како и во поголемите градови на Албанија, без оглед на верската припадност, покажаа огромна храброст и истрајност во борбата за своите права.

- Од организирање во невладини организации до формирањето на единствената партија на Македонците во Албанија – Македонската алијанса за европска интеграција, пред точно 20 години, ние покажавме што значи заедништво и посветеност. Како еден од првите активисти и основач на нашата партија, горд сум на она што сме го постигнале во овие две децении. Денес, помладите ја водат партијата, а ние, постарите, сме тука да им дадеме совет, поддршка и насока, наведува Фетаху.

Затоа, посочува, апелирам сите Македонци во Албанија да се обединиме и заедно да ја поддржиме македонската партија.

- Ако сами не се цениме, сакаме и помагаме, нема кој друг да го направи тоа за нас. Нека Новата 2025 година донесе уште поголема сплотеност, успех и просперитет за македонската заедница, посакува Кимет Фетаху, кој по потекло е од Голо Брдо, а живее во Тирана и е професор на рударскиот факултет. вт/цр

Фото: Фетаху ФБ

Остани поврзан