Фајненшл тајмс: Израел очекува офанзивата во Либан да трае подолго од војната во Иран
- Израел се подготвува за продолжена воена кампања против либанската група Хезболах, која веројатно ќе трае подолго од војната против Иран, изјавија израелски претставници цитирани од Фајненшл тајмс.
Тел Авив, 10 март 2026 (МИА) - Израел се подготвува за продолжена воена кампања против либанската група Хезболах, која веројатно ќе трае подолго од војната против Иран, изјавија израелски претставници цитирани од Фајненшл тајмс.
Извори запознаени со воените планови изјавија дека израелската офанзива против Хезболах, која започна откако проиранската група испука ракети врз цели во северен Израел, ќе трае барем колку што трае воената операција против Иран, а борбите ќе продолжат дури и по постигнувањето мировен договор со Техеран.
„Целта е да се нанесе доволно штета на Хезболах за жителите на северен Израел да не живеат во постојан страв од евакуација“, рече израелски функционер, осврнувајќи се на претходните евакуации на израелските заедници за време на претходните судири со Хезболах.
„Израелците ги подготвуваат меѓународните играчи за можноста војната со Хезболах да се одолговлекува и да трае подолго од војната со Иран“, забележа еден арапски дипломат.
Постојат дипломатски иницијативи за спречување на поголема израелска операција, при што Франција нуди да помогне во разоружувањето на Хамас, а либанските претставници отворено изјавуваат дека се подготвени да водат директни разговори со Израел.
Израелските власти разговараа за нова офанзива против Хезболах дури и пред почетокот на израелско-американската воена операција против Иран, изјави друг извор запознаен со воените планови.
Граничните престрелки ескалираа во целосна војна во Либан во октомври 2024 година, откако Хезболах испука ракети кон Израел по почетокот на офанзивата на Хамас во октомври 2023 година.
Прекинот на огнот, постигнат со посредство на САД, формално ги заврши борбите, но Израел продолжи да извршува речиси секојдневни напади врз цели на Хезболах, инсистирајќи дека разоружувањето на групата не се случува доволно брзо. Тоа се очекуваше како дел од условите на примирјето од страна на САД, Израел и либанската влада, но беше одбиено од самата Хезболах.
Борбите ескалираа повторно минатата недела откако Израел започна голем напад врз Хезболах, кој испука ракети и беспилотни летала како одмазда за атентатот врз иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи во израелско-американска операција против Иран.
Оттогаш, израелските сили нападнаа повеќе од 600 локации во Либан, со напади претежно концентрирани во јужните делови на земјата и густо населените јужни предградија на либанскиот главен град, Бејрут. Ова доведе до најголемата евакуација на либански граѓани од крајот на војната во 2024 година. мс/ссм/
фото: Архива