• четврток, 15 август 2024

Уставниот суд го смени премиерот на Тајланд

Уставниот суд го смени премиерот на Тајланд

Бангкок, 14 август 2024 (МИА) – Уставниот суд на Тајланд денеска го смени премиерот Срета Тависин поради кршење на етичките принципи. Против Срета е отпочната постапка пред Уставниот суд бидејќи за министер именува поранешен адвокат, кој бил во затвор поради обид за подмитување на судски службеник.

- Срета како премиер има единствена одговорност за проверка на квалификациите на членовите на неговиот кабинет. Тој знаел за минатото на Пичит, но сепак го именувал со што ги прекршил етичките кодекси, се наведува во образложението на Уставниот суд.

Срета тврди дека никогаш не било докажано обвинението за поткуп против Пичит Чуенбан, кој беше именуван за министер во април при реконструкцијата на владата. Пичит неколку недели по именувањето поднесе оставка.

Пичит во 2008 година беше осуден на шест месеци затвор поради непочитување на судските обвиненија, откако тој наводно се обидел да поткупи судија, кој работел на случајот на поранешниот премиер Таксин Шинаватра со два милиони бати (55.000 долари).

Срета е четврти премиер на Тајланд која во изминатите 16 години е сменет од страна на Уставниот суд. Тој на власт беше помалку од една година, а сега Владата останува на привремена функција додека Парламентот не одобри нов премиер, за што не постои временско ограничување.

На Тајланд изминатите две децении сменети се неколку влади и забранети се политички партии од страна на Уставниот суд, кој минатата недела ја распушти опозициска партија Тргни напред, пресудувајќи дека нејзината кампања за реформа на законите против навредување на круната доведува до ризик од поткопување на уставната монархија. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан