• недела, 22 декември 2024

Урсула фон дер Лајен реизбрана за претседателка на Европската комисија (ДПЛ) 

Урсула фон дер Лајен реизбрана за претседателка на Европската комисија (ДПЛ) 

Стразбур, 18 јули 2024 (МИА) – Европскиот парламент попладнево со тајно гласање ја реизбра Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија.   

„За“ реизборот на Фон дер Лајен гласаа 401 европратеник, 284 беа „против“, а 15 се „воздржаа“ од гласање. Вкупно гласаа 707 европратеници, а при што седум гласови беа прогласени за неважечки. За реизбор на Фон дер Лајен и беа потребни 361 глас. 

Фон дер Лајен, која доаѓа од редовите на Христијанско демократската унија на Германија (ЦДУ), членка на десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП), за претседателка на Еврокомисијата беше номинирана од страна на шефовите на држави или влади на земјите членките на ЕУ на нивниот Самит одржан на 27 јуни во Брисел.  

Номинацијата на Фон дер Лајен беше врз основа на договорот меѓу ЕПП, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) за распределба на водечките функции во ЕУ.    

Пред гласањето беше доставен предлог за одлагање за изборот за септември додека не се расчисти случајот со одлуката на Општиот суд при Европскиот суд на правдата, кој вчера оцени дека Европската комисија не и обезбедила на јавноста доволен пристап до информации за зделките за набавки на вакцини против Ковид-19 направени со фармацевтски компании за време на корона пандемијата. Предлогот беше одбиен со 531 глас, 101 европратеник гласаа „за“, а осуммина беа „воздржани“.   

Сега согласно процедурата утврдена со Договорот на ЕУ (ТЕУ), Фон дер Лајен до Европскиот парламент треба да достави предлог за состав на нејзината нова Европска комисија. Европска комисија официјално ја именува Советот на ЕУ, откако таа претходно ќе добие поддршка од Европскиот парламент со мнозинство гласови од пратениците што гласале. Одлуката за именување на ЕК, Европскиот совет ја носи со квалификувано мнозинство. Гласањето за новата Еврокомисијата во ЕП најверојатно ќе се одржи на неговото следното заседание предвидено за од 16 до 19 септември. 

Европската комисија се состои од 27 члена – претседател, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, кој воедно е и потпретседател на ЕК и 25 еврокомесари задолжени за одреден ресор. Дополнително од редот на еврокомесарите се избираат и одреден број потпретседатели на Еврокомисијата со посебни задолженија. 

Секоја земја членка на ЕУ номинира по еден свој претставник во Европската комисија. Оваа година од номинации ќе бидат „ослободени“ Германија и Естонија, бидејќи германското место во ЕК го зазема Фон Дер Лајен, а естонското Каја Калас, која е номинирана за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност. Останатите 25 членки ќе треба да ги предложат своите кандидати за еврокомесари, што некои веќе и го сторија. 

При изборот на нејзината претходна Комисија во 2019 година, Фон дер Лајен побара од секоја земја членка да предложи по двајца кандидати за еврокомесари – маж и жена и потоа таа врз основа на доставените предлози ги избра членовите на ЕК, па не е исклучено и оваа година да го повтори истиот принцип. 

Паралелно со изборот на членовите на Еврокомисијата, во договор со земјите членки, Фон дер Лајен треба да реши и кој еврокомесар со кој ресор ќе раководи. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан