• сабота, 23 ноември 2024

УНХЦР предупредува на ризик од вакцинациски јаз за лицата без државјанство

УНХЦР предупредува на ризик од вакцинациски јаз за лицата без државјанство
Скопје, 22 јуни 2021 (МИА) - Многу од лицата без државјанство во светот може да не добијат вакцина како резултат на немањето државјанство или доказ за својот идентитет, предупредува денеска Агенцијата на ОН за бегалци - УНХЦР. Според шефицата за Меѓународна заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс, постојат милиони лица во светот за кои се знае дека се без државјанство, - Ова има страшно штетни влијанија врз нивните основни човекови права, а сега тие исто така може да бидат исклучени од пристапот до вакцините што спасуваат животи, вели Тригс. Во последниот извештај за влијанието на КОВИД-19 врз популациите без државјанство, Агенцијата забележува дека мнозинството национални планови за имунизација не обезбедуваат јаснотија околу покривањето на лицата без државјанство. УНХЦР предупредува дека многу лица кои немаат државјанство или лични документи ќе бидат исклучени доколку државите не направат особени напори да стигнат до нив и да ги премостат специфичните предизвици со кои овие лица редовно се соочуваат. - Во интерес на заштитата на животите на луѓето и осигурување на јавното здравје, националните вакцинациски планови мораат да се спроведат на што е можно поинклузивен начин. Со оглед на тоа дека многу лица без државјанство веќе се соочуваат со широкораспространето исклучување и маргинализација, пречките до пристапот мораат да се отстранат и оваа ситуација да добие особено внимание, рече Тригс, се вели во соопштението од УНХЦР. Од УНХЦР, исто така, посочуваат дека од почетокот на пандемијата, многу лица без државјанство продолжуваат да се соочуваат со потешкотии во пристапот до здравствена заштита и социјални услуги. УНХЦР, која има формален мандат во ОН да го спречи и намали бездржавјанството и да ги заштитува лицата без државјанство, знае за постоењето на светска популација од најмалку 4,2 милиони лица без државјанство во 94 држави. Како резултат на невидливата природа на оваа тематика, се верува дека реалната бројка е значително повисока. аа/лв/

Остани поврзан