• вторник, 17 септември 2024

Унгарија инвестира во Чад за да ги спречи бегалците

Унгарија инвестира во Чад за да ги спречи бегалците

Будимпешта, 16 септември 2024 (МИА) – Унгарија ќе почне програма за помош на Чад во износ од околу 200 милиони евра, за поддршка на земјоделството, прехранбената индустрија во земјата и развојот на водоснабдувањето, образованието и дигитализацијата, со цел да се запре бранот бегалци кои се движат од Судан, кој е разурнат од војна, преку Чад до Европа, пишува Политика.

Исто така, владината хуманитарна организација „Хангари хелпс“ почнува програма за помош од еден милион долари за да се спречи ширењето на инфекции и да се подобри здравствената заштита во централноафриканската земја.

За ова во Будимпешта се договорија унгарскиот премиер Виктор Орбан и претседателот на Чад Махамат Идрис Деби Итно. Говорејќи за средбата на шефот на унгарската држава со гостинот од Нџамена, шефот на дипломатијата Петер Сијарто рече дека унгарската влада иницирала придонес од 14 милиони евра од Европскиот фонд за мир за поддршка на развојот на одбранбените капацитети на Чад, за што амбасадорите на земјите членки на ЕУ треба да се произнесат на 26 септември.

- Во рамките на одбранбената соработка, Унгарија и Чад ќе работат на тоа размената на знаење и искуство да придонесе за успех во борбата против тероризмот. За таа цел, Унгарија секоја година ќе нуди универзитетски стипендии за 25 студенти од Чад, рече Сијарто и најави дека Унгарија ќе го подигне своето дипломатско претставништво во Нџамена на статус на амбасада.

Вооружените конфликти донесоа сериозни предизвици и за Унгарија и за Чад во последниве години, а двете земји ги отфрлија сите чекори во меѓународната политика кои би ризикувале ескалација на конфликтот, посочи Сијарто и потсети дека Европа се соочува со бројни безбедносни предизвици, од кои еден од главните е илегалната миграција, со зголемената закана од тероризам тесно поврзана со неа. Илегалната миграција во Европската унија не може да се запре без соработка со регионот Сахел, се согласиле соговорниците.

Антитерористичката соработка на Унгарија со Чад е од стратешко значење и за Унгарија и за Европа, изјави министерот за одбрана Криштоф Салај-Бобровницки на средбата со претседателот на Чад, Махамат Идрис Деби Итна и го информираше за можностите на унгарските вооружени сили за прочистување на водата и презентирана дронови од унгарско производство. јт/

Фото: Х

Остани поврзан