Украинското МНР го повика кинескиот вршител на должноста за кинеските граѓани кои се бореле во Украина
- Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало кинескиот вршител на должноста откако украинските војници заробиле двајца кинески државјани кои се бореле на источниот фронт

Киев, 8 април 2025 (МИА) – Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало кинескиот вршител на должноста откако украинските војници заробиле двајца кинески државјани кои се бореле на источниот фронт.
- Кинески граѓани се борат како дел од руската армија во Украина, а тоа ја доведува во прашање декларираната позиција на Кина за мир, а исто така ја поткопува довербата во Пекинг како одговорна постојана членка на Советот за безбедност на ОН, објави на Икс шефот на украинската дипломатија Андриј Сибига.
Претходно, претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека шест кинески војници се бореле на страната на Русија против украинските сили, а двајца од нив биле заробени во источна Украина.
- Заробивме кинески војници на територијата на Украина. Украинците во Доњецката област Тарасовка и Белогоровка се бореа со шест кинески војници, од кои двајца беа заробени. Има релевантни документи – пасоши, дури и кредитни картички. Тие се кинески државјани. Мислам дека ова е многу важен момент, наведе Зеленски.
Тој истакна дека приклучувањето на Кина кон Северна Кореја и Иран во поддршката на руската агресија против Украина треба да ги принуди украинските партнери да ја преиспитаат својата реторика кон Пекинг.
- Севернокорејци се бореа против нас во регионот Курск. Кинези се борат на територијата на Украина. Мислам дека ова е многу важна точка за која треба да разговараме со нашите партнери. Мислам дека е итно. Разбирам дека ние сме силна земја, но не можеме да се бориме со многу земји во исто време, посочи Зеленски.
Тој нагласи дека се надева оти по оваа ситуација „Американците ќе почнат повеќе да разговараат со Украинците“.
Тој на Икс објави видео на кое се гледаат двајца заробени мажи.
Вклученоста на Кина, заедно со другите земји … во оваа војна во Европа е јасен сигнал дека Путин има намера да направи сè освен да стави крај на војната, напиша Зеленски. ми/
фото: МИА архива