• недела, 22 декември 2024

УКИМ ги додели наградите за своите најдобри научници на годината по повод Светскиот ден на науката за мир и развој

УКИМ ги додели наградите за своите најдобри научници на годината по повод Светскиот ден на науката за мир и развој

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) — Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Билјана Ангеловска, денеска по повод Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември, ги додели наградите за најдобри научници и уметник на годината во повеќе научно-истражувачки подрачја.

– Традиционално УКИМ доделува награди и признанија на своите најдобри научници. Денес ги одбележуваме исклучителните достигнувања, напредните истражувања и неуморната потрага по знаење на дел од нашите најдобри истражувачи. Наградата и плакетите кои УКИМ ги доделува за најдобар научник, се признанија резервирани за оние кои отидуваат над и подалеку во нивните придонеси за науката и за нашата универзитетска заедница, рече Ангеловска.

Наградата за најдобар научник од природно-математичкото подрачје беше доделена на Даниел Галинов, наградата за најдобар научник од техничко-технолошкото подрачје на Димитар Трајанов, од медицинските науки на Андреј Николовски, во подрачјето на ветеринарните науки на Александар Узунов, од општествените науки на Александар Стојков, додека пак, во категоријата најдобар уметник на годината на професорката од Драмскиот факултет во Скопје, Зоја Бузалковска.

Ангеловска во своето обраќање истакна дека заложбите на УКИМ во изминатиот период се подобрување на позициите во однос на светските ранг листи за рангирање на универзитетите, но за тоа, како што рече, неопходен е систематски пристап со конзистенти политики на државата кон науката и препознавање на значењето на истражувањето и иновациите. 

– За да се постигне подобрување на резултатите при рангирањето, неопходен е систематски пристап со конзистентни политики на државата кон науката и препознавање на значењето на истражувањето и иновациите, како импакт во економскиот развој на едно општество. Систематски пристап кон науката и истражувањето значи зголемување на буџетот за финансирање на науката и високото образование, како и следење и валоризирање на резултатите од научниот кадар базирани на универзалните светски метрики за мерење на научните резултати, истакна Ангеловска.

Во услови на непостоење на системски пристап во државата, вели Ангеловска, Универзитетот постојано се залага да ги подобри научно-истражувачките перформанси преку искористување на Европските фондови за наука.

– Во услови на непостоење на системски пристап и поддршка на науката во државата, УКИМ постојано се залага за подобрување на истражувачката инфраструктура и на научно-истражувачките перформанси преку искористување на Европските фондови за наука. Имено во периодот 2021-2027 година, институциите од нашата држава, кои се вклучени до овие активности, искористиле околу 10 милиони евра, од кои УКИМ е носител на близу 60 отсто од тие фондови. Добар дел од овие средства се насочени за подобрување на истражувачката инфраструктура, со што се создават услови за подобри научни истражувања, можности за публикување на актуелни резултати, а со тоа се создава и поголем импакт кон развој на општеството во целина, рече Ангеловска.

Според анализите на одобрените проекти на програмите на Европската комисија, ректорката вели процентот на успешност на УКИМ е околу 15 проценти, што според статистиките за успешност на Европската унија е над просекот, за кој рече изнесува 10 проценти.

– Анализирајќи ги одобрените проекти на програмите на Европската комисија, процентот на успешност на УКИМ е околу 15 проценти, што според статистиките за успешност на Европската унија е над просекот, кој изнесува 10 проценти. Кумулативно преку бројки во моментот активни меѓународни проекти на кои работат истражувачите на УКИМ се 75 проекти финансирани од програмите на Европска комисија, вели ректорката.

Во рамки на Универзитетот, додаде, ќе биде формиран колаборативен Центар за отворена наука кој ќе го олесни интегрирањето во европскиот истражувачки простор.

– Ќе започнам со формирање на колаборативниот Центар за отворена наука на УКИМ, како заложба за примена на европските стандарди за отворен пристап во научното издаваштво и истражувачката инфраструктура. Сето тоа ќе го олесни поуспешното интегрирање во Европскиот истражувачки простор. Целта е преку овој Центар за отворена наука да се имплементираат политиките за отворен пристап до истражувачката инфраструктура и секако до истражувачките резултати, во согласност со практиките на отворена наука, како што се отвореност, достапност, интероперабилност и репродуктивно истражување. Со формирањето на Центарот за отворена наука, УКИМ станува дел од мрежата на центри на компетенција за отворена наука низ цела Европа. Преку овој Центар, активно ќе се промовираат добивките за отворена наука и ќе се имплементираат фер начелата, поддржувајќи го развивањето на политики за отворена наука на сите нивоа, подвлече Ангеловска. ра/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан