• петок, 22 ноември 2024

Уапсена претседателката во оставка на јужноафриканскиот Парламент, обвинета е за корупција

Уапсена претседателката во оставка на јужноафриканскиот Парламент, обвинета е за корупција

Јоханесбург, 4 април 2024 (МИА) - Претседателката на Парламентот на Јужноафриканската Република во оставка, Носививе Маписа-Нкакула, денеска е уапсена откако и се предаде на полицијата во рамки на истрагата за корупција од времето кога беше министерка за одбрана.

„Таа ќе се појави пред судот во Преторија подоцна денеска за да слушне за што е обвинета“, изјави Хенри Мамотаме, портпарол на националното обвинителство на Јужноафриканската Република, потврдувајќи дека Маписа-Нкакула е уапсена рано утринава.

Носививе Маписа-Нкакула, која е претседател на Парламентот од 2021 година и е член на моќниот Национален извршен комитет на партијата Африкански национален конгрес, која владее од крајот на апартхејдот, вчера објави дека поднесува оставка.

„Со оглед на сериозноста на високо објавените обвинувања против мене, не можам да продолжам да ја држам оваа позиција“, објасни таа во писмото со оставка.

Маписа-Нкакула рече дека се повлекува за да го зачува авторитетот на институцијата и да се фокусира на истрагата против неа.

Шеесет и седумгодишната Маписа-Нкакула е обвинета дека примила големи суми пари додека била министерка за одбрана (2014-2021). Според локалните медиуми, таа е обвинета за примање мито од 2,3 милиони ранди (121.000 долари или 113.000 евра).

На 29 мај, Јужноафриканците треба да излезат да гласаат за нов парламент кој ќе го избере следниот претседател. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан