• понеделник, 25 ноември 2024

Туск: Миграцијата преку Белорусија е организирана на паравоен начин

Туск: Миграцијата преку Белорусија е организирана на паравоен начин

Варшава, 16 октомври 2024 (МИА) - Полскиот премиер Доналд Туск го бранеше планираниот остар став на неговата земја против мигрантите на границата со Белорусија.

На источната граница на Полска, не е случај бегалците да се појавуваат спонтано и случајно, изјави Туск.

-Овие акции се организирани на паравоен начин и сè почесто забележуваме дека во Сирија и Иран се организираат групи кои не само што се обучени за илегални преминувања на границите, туку и за однесување кое ние во НАТО мора да го класифицираме како опасно, рече Туск.

Тој додаде дека „постои цел систем на регрутирање преку руски и белоруски дипломатски претставништва во неколку земји“.

-Од Сирија има докази, рече тој, дека од затворите се ослободуваат криминалци и лица со врски со терористички организации и се носат на полско-белоруската граница, која е и надворешна граница на Европската унија.

Полска има намера да донесе нов закон за привремено суспендирање на правото на азил на мигрантите кои нередовно ја минуваат границата со Белорусија. Предлог-законот се очекува за неколку недели.

Централно-левичарската влада на Туск вчера усвои документ за миграцијата кој предвидува и привремено ограничување на правата за азил.

Полска и ЕУ го обвинуваат рускиот претседател Владимир Путин и неговиот сојузник белорускиот лидер Александар Лукашенко дека носат мигранти од кризните региони на надворешната граница на ЕУ на намерен начин за да извршат притисок врз Западот.

И покрај изградбата на ограда висока повеќе од пет метри и електронскиот систем за надзор, мигрантите секојдневно се обидуваат да ја преминат границата. Од почетокот на годинава граничната стража регистрирала близу 28.000 вакви обиди. мс/

фото: МО на Полска

Остани поврзан